| четврток, 6 декември 2018 |

Апел од МВР: Граѓаните да ја користат обиколницата, да се избегнува патот низ Сингелиќ

Со цел да се обезбеди непречена работа на механизацијата за санирање на штетите, како и непречен дотур на храна, вода и лекови на жителите од населените места зафатени од поплавите во скопскиот регион воспоставен е посебен сообраќаен режим, информираат од МВР.

-Со истиот се предвидува граѓаните од Арачиново кои се упатуваат кон Градот Скопје да не поминуваат низ Сингелиќ, туку да ја користат скопската обиколница, а и граѓаните од Црешево и Стајковци кои се упатуваат кон Скопје исто така да ја користат скопската обиколница. Апелираме до граѓаните на Арачиново, Стајковци и Црешево да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, како и инструкциите од полициските службеници кои ќе траат до надминување на кризната состојба, стои во апелот од Министерството за внатрешни работи.

Инаку, од синоќа скопската обиколница е пуштена за сообраќај во двата правци. На оштетените делови од коловозот се поставени сообраќајни знаци за регулирање на брзината на движење на возилата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top