Црногорците се толку големи зависници од социјалната мрежа „Фејсбук“, што таму се отворила првата клиника за лекување од оваа зависност.
Во Црна Гора профили на „Фејсбук“ имаат околу една половина од жителите, а меѓу најмладите има и зависни од социјалната мрежа, кои се лекуваат на приватна клиника, објави српскиот весник „Блиц“.
Досега се излекувани двајца малолетни зависници. Специјалистот за лекување од таа зависност Данило Јокиќ истакнува дека показатели за проблемот се нискиот праг на толеранција, занемарување на здравиот начин на живот, постојаното зголемување на времето поминато на „Фејсбук“.
Јокиќ посочува дека пациентите поминувале по 15 часа на „Фејсбук“ за време на викендите, а во другите денови – од пет до седум часа. Според него, зависниците од „Фејсбук“ се интровертни личности, кои често немаат пријатели, наклонети се да фантазираат и со време го занемаруваат и училиштето.
Ученичка во осмо одделение на едно основно училиште во српскиот град Ваљево поради исмевање на „Фејсбук“ доживеала таков шок што ѝ сопрело срцето. Лекарите во Белград едвај успеале да ѝ го спасат животот.
Образовната инспекција и полицијата почнале истрага околу овој случај на малтретирање на популарната социјална мрежа, јавува „Блиц“. Девојчето секојдневно било малтретирано преку „Фејсбук“ од нејзини врсници.
Прва помош на девојчето му била дадена во Ваљево, по што веднаш била префрлена на Детската клиника во Белград, поради тоа што ѝ сопрело срцето. Лекарите успеале да ја вратат од клиничка смрт, а по неколку дена била пуштена на домашна нега. Поради тоа што било утврдено тешко нарушување на работата на срцето, девојчето сега мора да избегнува стрес и каква било физичка активност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.