| четврток, 6 декември 2018 |

Феноменалниот Фелпс стигна до 21. златен медал на ОИ

majkl felps

Најдобриот спортист на олимписките игри во историјата американскиот пливач Мајкл Фелпс ја збогати својата ризница на трофеи и медали откако ноќеска успеа да триумфира во трките на 200 м. пеперутка и во 4х200 м. слободно. Американскиот пливач сега има три златни медали од Рио и вкупно 21 олимписко злато од рекордните 25 медали од Олимпијадите.

До јубилејниот 20 медал, Фелпс стигна со победата над големиот ривал и бранител на титулата, Чад ле Клос во трката на 200 м пеперутка во која исплива време од 1:53,36, а Јужноафриканецот имаше 1:54,06 и не стигна ни до подиумот. Среброто во оваа дисциплина го освои Јапонецот Масато Сакаи (1:53,40), а бронзата Тамаш Кендереѓи (1:53,62).

Веднаш потоа, Мајкл Фелпс му помогна и на тимот на САД супериорно да стигне до златниот медла на 4х200 м слободно. За тимот на САД пливаа: Двајер, Хас, Лохти и Фелпс и триумфираа со време од 7:00,66. Зад нив на второто место беше тимот на В.Британија (7:03,13), а бронзата ја освои Јапонија (7:03,50).

Мајкл Фелпс на ОИ во Рио претходно освои злато и во дисциплината 4х100 слободно, а може да стигне до уште две медали во следните два настапи – на 100 м слободно и на 200 м мешано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top