| четврток, 6 декември 2018 |

Тинејџерка од Франција обвинета за планирање џихадистички напад

Уапсената за закана со терористички чин во Франција е шеснаесетгодишна девојка која во понеделникот е обвинета поради планирање џихадистички напад.

Како што дознава агенцијата АФП од неименувани правосудни извори, против тинејџерката се поднесени обвинувања за „злосторнички заговор со терористи“ и „поттикнување на извршување терористички акт со користење онлајн комуникација“.

Претходно обвинителството на француската престолнина Париз издало наредба за притворање на тинејџерката и отворила против неа судска истрага.

Малолетничката била уапсена минатиот четврток во рамките на антитерористичка операција во градот Мелен во департманот Сен-ет-Марн. Таа била администратор на група на месенџерот Телеграм од каде се заканувала со извршување терористички напад. Според изворот на агенцијата, таа, исто така, распространувала соопштенија кои ја пропагирале екстремната сунитска организација Исламска држава.

-Таа предавала многу пропагандни пораки од страна на групата Исламска држава, кои повикуваат на напади, а исто така изразила желба и самата да изврши напад. Во оваа фаза од истрагата целта на евентуалниот напад сé уште не била одредена“, изјави соговорникот, додавајќи дека се запленети мобилниот телефон и компјутерот на 16-годишната девојка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top