| четврток, 6 декември 2018 |

Историска средба на Путин и Ердоган во Санкт Петербург

Во рускиот град Санкт Петербург денеска ќе се сретнат претседателите на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, што треба да претставува нов чекор кон затоплување на односите меѓу двете земји, по нивното драстично влошување лани во ноември кога турските сили урнаа руски воен авион над границата со Сирија.

Како што оценуваат западните медиуми, оваа прва посета на Ердоган на една странска земја по обидот за воен удар на 15 јули доаѓа во време кога Ердоган неколку пати изрази незадоволство од „недостигот на поддршка од страна на неговите пријатели од Западот“ по спречениот пуч.

За разлика од критиките кон Западот, Ердоган изрази задоволство од реакцијата на Русија по обидот за преврат нагласувајќи дека Путин бил меѓу првите странски лидери што му се јавиле по телефон ноќта по спречениот воен удар, како и дека не ги следел постапките на западните лидери кои ја критикуваат Анкара поради ригорозните мерки што ги презеде по пучот.

Според најавите од Москва, на средбата Путин-Ердоган ќе стане збор за укинување на руското ембарго за увоз на турски стоки и на чартер-летови, за возобновување на проектот „Турски тек“, за кризата во Сирија, за борбата против тероризмот, како и за „други регионални и меѓународни теми“.

Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, минатата недела најави дека на средбата во Санкт Петербург нема да биде потпишан никкаов договор, но самиот чин што Ердоган реши првата земја што ќе ја посети по обидот за преврат да биде токму Русија, говори за значењето што Анкара им го придава на односите со Москва.

Во пресрет на заминувањето за Русија, Ердоган во интревју за ТАСС оцени дека тоа претставува истрориска посета и нов почеток во односите меѓу двете земји.

– Верувам дека во разговорите со мојот пријател Владимир ќе отвориме нова страница во нашите односи – додаде Ердоган.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top