| четврток, 6 декември 2018 |

Се празнува Св. Пантелејмон, исцелител што лекувал со Божја помош

Денеска е Св. великомаченик Пантелејмон.

Свети Пантелејмон се роди во Никомидија од татко незнабожец, Евсторгиј, и мајка христијанка, Евула. Во младоста ја изучи лекарската вештина. Подоцна поверува во Христа и се крсти. Господ му имаше дадено голема благодат да лекува од секакви болести, не само користејќи ја лекарската вештина, туку и со силна молитва. Така излекува и еден слепец од кого сите лекари веќе беа дигнале раце. А тоа ги побуди нив, поради нивната завист, да го обвинат пред властите како христијанин. Свети Пантелејмон беше ставен на маки, а откако стана јасно дека ништо не може да го поколеба во верата во преслаткиот Господ го испратија на губилиште, под некое маслиново дрво. Тој клекна на колена, се помоли на Бога, а потоа му беше отсечена главата. Пострада во 304 година. Чудотворец во текот на животот, тој продолжи да исцелува и преку неговите свети мошти што се зачуваа.

Св.Климент Охридски, Св. седмочисленици, Св. Пантелејмон 

Голем македонски и општохристијански празник

На 9 август (нoв стил) се празнува споменот на св. Климент Охридски кој е упокоен на овој ден 916 година. Исто така, на овој ден се празнува и споменот на светите Седмочисленици. На овој ден Светата православна црква го празнува и споменот на големиот исцелител свети Пантелејмон.

Именден празнуваат: Пантелеј, Панде, Пано, Панка, Панто, Панчо…

Големиот македонски и сесловенски просветител свети Климент Охридски Чудотворец починал на денешен ден 916 година. Но бидејќи тој и за време на својот живот именденот го празнувал на 8 декември (25 ноември с.с.) на празникот на Св. свештеномаченик Климент епископ Римски, подоцна неговиот главен празник бил поместен на овој датум, а на денешен ден се празнувал заедничкиот спомен на седумтемина рамноапостолни словенски светители познати како свети Седмочисленици (св. Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј). Св. Климент Охридски Чудотворец е најпознатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, последен од нив починал и поради тоа денот на неговото упокојување бил земен за нивни заеднички празник.
Светиот великомаченик Пантелејмон спаѓа меѓу најпознатите исцелители што лечеле со Божја помош. Настрадал за време на царот Максимилијан кога е вршен страшен прогон на христијаните. Роден е во Никомидија во областа Витанија во Мала Азија. Најпрвин се викал Пантелеон, што значи „лав во сè“, а подоцна бил наречен Пантелејмон што значи „семилостив“. Татко му бил паганин, а мајка му христијанка, која од мал го воспитувала во христијански дух. Но таа умрела додека тој бил мал, а татко му го дал да го изучува лекарскиот занает кај познатиот лекар Евстрогиј кој го лекувал и царското семејство. Така младиот Пантелејмон се стекнал со симпатии и од царот Максимилијан кој од учителот барал да не го жали трудот кога се работи за образованието на младиот ученик. Така Пантелејмон со многу желба од своја страна, но и со внимание од страна на познатиот лекар го изучувал лекарскиот занает, се стекнал со многу симпатии и од пошироката средина и бргу напредувал во медицинските науки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top