Реонот околу Сингелиќ, Смилковци, патот за Арачиново, Инџиково и дел од Општина Илинден, немаат струја, бидејќи засега не е безбедно да се пушти електричната енергија поради тоа што трафостаниците се поплавени со вода, велат од ЕВН.
– Екипите на ЕВН Македонија работат заедно со екипите кои го расчистуваат теренот, војската, полицијата и Јавните претпријатија, со цел да се создадат услови да се постават новите бетонски бандери и да се заменат каблите. Засега овие места остануваат без напојување, но затоа ЕВН донираше одреден број агрегати, за да можат да работат болниците и онаму каде што е најпотребно – вели портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски.
Во дел од другите скопски населби, како што се Козле, дел од Кисела Вода и Ѓорче Петров, исто така имало поплавени трафостаници и затоа делови од овие населби останале без напојување неколку часови.
– Многу внимателно се работи на терен за да не се предизвика поголема штета. Интензивно се работи и во штипскиот, битолскиот, тетовскиот, кумановскиот и велешкиот регион, каде што се очекува во секој момент да биде воспоставен нормален напон бидејќи дефектите се отстранети – вели Ковачевски.
Од ЕВН исто така најавија дека покрај тоа што ќе ги санираат последиците во најкраток можен рок, ќе донираат и средства за настрадните семејства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.