
Мајкл Фелпс го освои своето 19-то олимписко злато во неверојатната кариера откако помогна Американците да стигнат до победа на 4х100 метри слободно на втората вечер на пливачките натпревари.
31-годишниот Фелпс пристигна во Бразил како најуспешниот олимпиец во историјата со 18 злата и 22 медали, и сега повторно е златен и на својата петта Олимпијада.
Фелпс пливаше како втор за САД, заедно со Кејлеб Дресел, Рајан Хелд и светскиот шампион на 100 метри слободно, Нејтан Едријан, победувајќи со време од 3:09.92, пред Французите со 3:10.53 и Австралија со 3:11.37.
– На блокот мислев дека срцето ќе ми експлодира од возбуда! Беше толку гласно, не се сеќавам дека сум слушнал нешто слично – вели Фелпс, кој сега има злато на четири Олимпијади, како прв пливач во историјата.

Адам Пити исто така освои злато со светски рекорд, носејќи го првото злато за Велика Британија на Игрите. Тој го сруши рекордот на 100 метри градно вторпат во два дена за да стане прв британски машки пливач по 28 години со олимписка титула.
21-годишниот светски шампион постави време од 57.55 во саботните квалификации, а сега го подобри рекордот со 57.13 за победа пред јужноафриканскиот актуелен шампион, Камерон ван дер Бург, а брозната отиде кај Американецот Коди Милер.
– Ова е резултат на седум години напорна работа. Дадов максимум за мојата земја и знаев дека оваа арена е совршена за мене – вели Пити.

Кејти Ледецки ја продолжи американската низа со светски рекорд и злато на 400 метри слободно. 19-годишната Американка влезе на Игрите како светска рекордерка на 400, 800 и 1.500 метри слободно и сега почна со походот. Таа сруши речиси две секунди од светскиот рекорд на 400 метри слободно за првото злато со 3:56.46, пред Британката Џез Карлин и Американката Леа Смит, кои беа речиси пет секунди поспори.
Швеѓанката Сара Сјестром го постигна третиот светски рекорд на вечерта, откако го подобри сопственото најдобро време на 100 метри пеперутка. Сјестром заврши со 55.48 секунди за победа пред Канаѓанката Пени Олесијак, додека актуелната шампионка, Дејна Волмер освои бронза само 16 месеци по раѓањето на нејзиниот прв син.
100 МЕТРИ ПЕПЕРУТКА (Ж)
1.Сара Сјестром (Шве) 55.48 СР
2.Пени Олексиак (Кан) 56.46
3.Дејна Волмер (САД) 56.63
100 МЕТРИ ГРАДНО (М)
1.Адам Пити (Бри) 57.13 СР
2.Камерон ван дер Бург (ЈАР) 58.69
3.Коди Милер (САД) 58.87
400 МЕТРИ СЛОБОДНО (Ж)
1.Кетлин Ледецки (САД) 3:56.46 СР
2.Џез Карлин (Бри) 4:01.23
3.Леа Смит (САД) 4:01.92
4х100 МЕТРИ СЛОБОДНО (М)
1.САД 3:09.92
2.Франција 3:10.53
3.Австралија 3:11.37
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


