| четврток, 6 декември 2018 |

Потресни сведоштва од поплавите: Маж ја гледал жена си како се дави, татко спасил три, го загубил четвртото дете

singelic2

Дваесет и една жртва, најмногу деца и жени, загинаа давејќи се во вода и кал по поројот што завчера го поплави предградието на Скопје, во населбата Ченто и селата Стајковци, Инџиково и Сингелиќ. Вчера претпладне по улиците или барем по тоа што останало од асфалтот се уште течеше матна, каллива вода, која претходната вечер носела сѐ пред себе. Стотици луѓе на улиците се трудеа да ги испразнат поплавените куќи, пишува „Дневник“.

На една од многуте тесни улички во селото Сингелиќ, маж приближно на шеесетина години, изгледа како изгубен. Оди тетеравејќи се. Зад него, пријател, внимателно го следи. Човекот го изгубил внукот, водата го оттргнала од рацете на татка си…

– Не прашувајте го ништо, не знае главата каде му е. Внукот му го нема. Цела ноќ и цел ден го бараме телото на шестгодишното синче на соседите. Еве минува и денот, него го нема. Каква ли сила беше таа вода што го однесе? Соседот се врати околу 8 попладнето, го паркирал „голфот“ кај гаражата, веќе силно врнеше. Kога од никаде згрме и дојде буица вода, за дваесетина секунди имаше вода до покривот на автомобилот. Внатре биле четири деца. Kомшијата едно по едно ги фрлал на покривот од гаражата, но едното не успеал да го фати. Водата ја однесе и мајка му, бабата на децата. Сѐ уште бараме на сите места каде што водата направи ридови од смет и сено. Бабата ја најдовме во еден канал за поправање автомобили утринава удавена – раскажал Адил Kерим Јусуф за весникот.

Соседите Михаил и Џевад се обидувале да го кренат „голфот“ за да можат да го извадат сметот под автомобилот, со цел да проверат дали можеби тука ќе го најдат детето. Подоцна, како што откриле несреќните жители, во страшната поплава Михаил ја изгубил и својата мајка.

– Го испивме последното кафе на тремот пред нејзината куќа. Немаше уште осум часот кога почна да врне. Се прибравме дома оти имавме и гости. Почна посилно да врне, а ќерката ме повика оти од покривот почнало да протекува. Се качив по скалите кога се слушна експлозија. Моето „југо“ удри во терасата, а куќата на мајка ми веќе беше полна со вода. Се обидов да дојдам до куќата на мајка ми, но водата носеше сѐ пред себе. Видов многу автомобили како се пластат еден врз друг. Задоцнив, мајка ми веќе беше удавена. Имаше 82 години и не мораше вака да замине…

Во пеколната ноќ се спасувале и луѓето што патувале по обиколницата кај селото Сингелиќ.

– Од Гостивар сум, па по неколку години живот во Германија, се враќав дома. Од аеродромот „Александар Велики“ со автомобилот по обиколница тргнавме со синот. Врнеше многу, ама полека се движевме. Kога одеднаш јурна една вода. Ни го поплави автомобилот. Бргу излеговме, се качивме на покривот. Беше страшно, громови удираа околу нас. Мокри до гола кожа. Покрај нас помина еден автомобил, но водата почна да го влече и го турна во ендекот. Мажот излезе од автомобилот и се спаси, а жената ја видовме како се удави пред наши очи. Немаше шанса да мрднеме. Се тресевме од страв и немоќ. Видовме дека мора да се спасуваме, па полека се држевме за рабниците на патот и стигнавме до еден автобус. Возачот, како во своја куќа, нѐ заштити и спаси. Најмалку 5 часа чекавме таму – раскажал Енис Мустафа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top