| четврток, 6 декември 2018 |

Балканот го демне опасност: Во Косово се формираат ќелии на ИСИС, повратници и во Македонија и Босна

Повеќе од 200 џихадисти се вратиле на Балканот во последните 18 месеци. Најаларматно е во Косово, но постои опасност и за Босна и Херцеговина и Македонија.

Фронтот „Ал Нусра“ го користи слабеењето на „Исламската држава“ во Сирија за да го зголеми своето влијание, па испраќа борци во Европа.

Повратници од боиштата во Сирија и во Ирак и формирањето терористички ќелии се голема опасност за Балканот, предупредуваат експертите.

Миливоје Михајловиќ, новинар во Косово, за српски „Курир“ објаснува дека терористичката група „Фронт Нусра“, која пред неколку дена собори руски хеликоптер и се изживуваше над телата на убиените војници, има свои ќелии и во Косово.

– Во Косово владее култ на оружјето меѓу луѓето што учествуваа во војните во 1998 и 1999 година. Поради бумот на социјалните мрежи, денеска е многу лесно да се регрутираат нови членови на терористички организации. Во безбедносна и во политичка смисла, тој исламски тероризам е најголема закана за стабилноста на регионот бидејќи Босна, Македонија и Косово се резервоар од каде што се регрутираат млади исламисти – предупредува Михајловиќ.

И македонскиот претседател Ѓорге Иванов на обраќањето по повод Илинден нагласи дека Македонија е под ризик од странски терористички борци.

Иванов предупреди дека втор миграциски бран е на повидок и дека регионалните кризи и конфликти на Блискиот Исток и во Северна Африка ги зголемија ризиците за загрозување на безбедноста во нашата земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top