
Познатата музејска институција „Смитсонијан“ во САД 31 година по ред е организатор на „Смитсонијан крафт шоу“, најпрестижното шоу во земјата. Оваа година од 1.200 апликанти, 120 уметници и дизајнери имаа чест да ги претстават своите дела во преубавата Национална галерија „Смитсонијан“ во центарот на Вашингтон. Меѓу одбраните од СЦАД (Savannah College of Art and Design), универзитетот од Савана, е и Мима Пејоска, постдипломец на Фулбрајт од Македонија.

Пејоска, освен изложбата, имаше почесен статус на презентер на уникатен начин на изработка на делата пред посетителите – „Аплицирање текстилни вештини на челик и сребро“. Нејзините дела се дел од завршната изложба на постдипломските студии на СЦАД, насловена „Сенсиблес“, која со посебен пристап кон дизајнот и изработката на накитот се обидува да ги потсети посетителите дека голем дел од убавината во уметноста лежи токму во допирот – без разлика дали преку директен допир или преку „чувствување“ на тактилноста на делото преку другите сетила. За своите дела Мима Пејоска имаше и кратко интервју на телевизиската станица „Фокс њус“.
Делата на Пејоска се изработени од алтернативни материјали (свилена газа, челик, ориз, волна и пластична фолија), внимателно дизајнирани да бидат полесни од 14 грама – за да се презентираат на 100 хелиумски балони кои ќе лебдат во галерискиот простор за време на финалната самостојна изложба. На овој начин посетителите ќе имаат можност да ги „пробаат“ и „носат“ парчињата додека летаат во галеријата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


