| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура

Заврши четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримOН“ кое во изминатите денови се одржа во Струга. Најголемите познавачи коментираа дека градот им личи како да е во најубавите времиња од Струшките вечери на поезијата.

Публиката, не само што учествуваше како гостин на многубројните содржини, дебати, изложби, работилници, проекции на филмови, театар, концерти и диџеј-сетови, туку и се вклучуваше во расправи, даваше предлози, сугерираше решенија.  Со еден збор, беше навистина, активен учесник.

– Со самата поддршка која овој пат ја доби, видовме што значи да се покаже овој фестивал во вистинско светло, со сите ресурси што се потребни. Програмата ни е силна страна, но ни недостасуваше сериозна поддршка во поглед на инфраструктура и логистика. Овој пат имаше армија која работеше на фестивалот, за разлика од минатите години кога бевме само неколкумина – објаснува Кристина Тодороска Петреска, дел од организаторите на „ДримOН“.

Таа објасни дека целта на сите нив е – големата слика: Струга да биде препознаена на мапата на креативни градови.
– Знаеме дека ова е начинот Струга повторно да стане град со она ниво кое го имаше во минатото –град во кој постои прогресивна култура, субкултура, редовни настани. Да докаже дека не е провинција. Оваа година, докажавме дека доколку заедницата е со нас, како што беше годинава, сèе можно. Имавме прекрасен тим, многу млади луѓе доаѓаа кај нас и ни бараа задачи, сакаа да се дел од ова, да придонесат. Полни сме од таа вклученост – вели таа.

Писателот Димитрие Дурацовски, еден од најпознатите и највлијателните луѓе кога станува збор за развој на оваа културна сцена, изјави дека тој е сведок и соучесник на случувањата на „ДримOН“.

– Сето ова се случуваше буквално пред мои очи. Пред четири години, неколку млади луѓе кои сонуваа за еден поинаков град и не се согласуваа со синтагмата наречена провинција, започнаа еден алтернативен потфат буквално на мускули и го нарекоа „ДримOН“. Што се случи? После само четири години тој ентузијастички „ДримOН“ прерасна во извонреден фестивал кој продуцира култура од сите видови и на воодушевување на многубројната публика ги освои просторите на Струга, од капацитетите на Центарот за култура до Паркот на поезијата каде што изминатата недела вриеше како во кошница. Ова се преубави денови кои ги потсетија граѓаните на Струга на славните почетоци на Струшките вечери на поезијата кога градот дишеше како еден организам. Познавајќи ги момците и девојките од „ДримOН“, јас знам дека фестивалот има веќе загарантирана иднина – рече Дурацовски.

 

Младата Златка Кувенџиеска изминативе години била волонтерка на фестивалот, а сега беше вклучена како дел од тимот за односи со јавност.
– Во „ДримOН“ пливам веќе 4 години. Од секогаш ме интересирале јавни настани и контакти со луѓе. Не само што јас им помогнав на дримонци, туку и тие ми помогнаа мене со тоа што ми дадоа можност да си ги усовршам моите PR вештини и да се надградам во областа на новинарството. Најголема мотивација и инспирација ми беа дебатите, особено панелистите. Можам да замислам колку ќе биде поинтересно наредната година, едвај чекам – изјавува Кувенџиеска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top