-Од името на сите Мијаци, сме огорчени од крајно неетичкото и злонамерно, а истовремено и неаргументирано тврдење на некои уредници на албански портали, кои се осмелија да се мешаат во нашиот етнички идентитет, потпирајќи се само на нашата традиционална Мијачка носија, која неосновано ја албанизираат. Притоа, тие ја злоупотребуваат сличноста и заедничките елементи на народните носии од балканското културно подрачје, кои трпеле разни културни влијанија. Меѓутоа, и покрај сите тие сличности, носиите на одредените етноси сепак се разликуваат едни од други, и затоа неправедно е тие да бидат тенденциозно присвојувани – велат членовите на Здружението за културна афирмација на Мијаците (КАМ).
Тие во интерес на ова тврдење ја приложуваат анализата за потеклото на носијата, направена од етнологот Влатко Деловски.
-Овој текст е реакција, односно нужна интервенција околу манипулацијата со етничките начела и симболи на мијачката етничка заедница, најжилавиот и најзаслужниот бит на Македонската преродба. Имено, станува збор за една фотографија од почетокот на 20-тиот век, која ја направил прилепчанецот Георги Трајчев, истакнат деец на Македонската револуционерна организација, просветен работник, етнограф и фотограф. На споменатата фотографија, која заедно со уште петнаесетина други се наоѓа во фотоалбумот на Трајчев од 1912 година (оригинален примерок од овој фотоалбум се чува и во Бигорскиот манастир, а во електронска верзија е достапен и на неговата официјална интернет страница), посветен на Бигорскиот манастир, се прикажани поклоници во манастирот, облечени во насекаде препознатливата мијачка народна носија. Но, за жал, оваа фотографија, крајно тенденциозно и ненаучно се злоупотребува од страна на повеќе албански интернет портали, кои личностите на фотографијата ги претставуваат како православни Албанци. За да престане заблудата, и во јавноста и кај авторите на текстовите од порталите, мораме да предочиме дека на предложената фотографија се прикажани поклоници во манастирот, мажи, жени и деца од мијачката етничка заедница во секојдневна, ќе нагласиме, мијачка народна носија. Иако истава фотографија, Георги Трајчев ја ставил и во своето дело „Книга за Мијаците“, објавено во Софија 1941, каде јасно е објаснето дека станува збор за поклоници – Мијаци од Река, сепак, ќе дадеме и ние една мала анализа на уникатната мијачка носија- се нагласува во анализата.
Народната носија на Мијаците има вековна традиција.
-Создадени како колективна придобивка на целиот македонски народ, носиите се пренесувале од поколение на поколение, а во долгата низа години во себе вклопиле многу елементи од разните културни влијанија што се вкрстувале на овој дел на Балканот. Основата и најстариот културен слој е старословенскиот, на кој се надоврзало влијанието на византиската цивилизација и Православието. Така се создале народните носии во Македонија како израз на народните колективни, естетски и духовни диспозиции. Во долгиот развоен пат, носиите се оформиле како специфична етничка издиференцирана гранка на народното творештво, па така, преку облеката се покажувала територијалната, верската и етничката припадност, социјално-брачната положба и сл. Основна одлика на народните носии во Македонија е нивната донедамнешна зачуваност со многу архаични елементи, особено во затворените селски средини, како и во оние со посебна етничка и групна самосвест. Ваков пример се Мијаците, впрочем од нив започнала и Македонската преродба. До ден-денес носијата кај Мијаците претставува еден символ на етничка издржливост и непокорност и затоа редовно се носи на големите празници (Водици во Битуше, на пример) – стои во анализата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.