| четврток, 6 декември 2018 |

Реисот Реџепи: Садула Бајрами е монструм, ја згрешил земјата каде што сака да создава раздор

Гнездата на Хоџата Садула Бајрами и неколку други што му се блиски се странски платеници кои се обидуваат да внесат раздор меѓу муслиманите во Македонија ќе се растурат, ваква порака вчера упати реисот на Исламската заедница во земјава, Сулејман Реџепи, кон имамот Садула Бајрами, кој дејствува надвор од рамките на оваа верска заедница. Острата порака на реисот е испровоцирана со завчерашната проповед на Бајрами, кој им порачал на младите муслимани дека не треба да се образоваат.

– Муслиманските верници не треба да студираат на Правниот факултет бидејќи тоа е харам – изјави Бајрами во проповедта што деновиве се шири преку каналот „Јутјуб“.

Името на Бајрами досега често беше спомнувано како дел од групата радикални исламски теолози кои дејствуваат во земјава, заедно со имињата на исламскиот теолог Реџеп Мемиши, кој неодамна беше уапсен во полициската акција „Ќелија“, и на Шукри Алиу, кој исто така издржува
затворска казна. Ова е првпат реисот Реџепи толку жестоко да реагира на некоја проповед на некој од теолозите на групацијата што ја нарекуваат текфири и која е најекстремна исламска групација.

– Хоџата Бајрами е монструм платен од надворешни падрони за да ги оддалечи верниците од вистинскиот ислам кој го валкаат. Тие, едноставно, се странски платеници, деструктивни и со многу сомнителни елементи. Токму поради тоа, јас сум убеден дека нашата јавност, посебно луѓето што се упатени во исламското учење, нема да потпаднат под нивно влијание. Меѓутоа, се чини дека во последно време тие створиле неколку гнезда каде што се обидуваат да индоктринираат одредени млади луѓе. Но, со помош на Алах тие гнезда ќе се растурат и на таквите елементи ќе им се забрани нивното пропагирање кое е сосема погрешно и единствено се врши за да се оправдаат пред своите налогодавци – изјави Реџепи за порталот на албански јазик „Журнал“.

Поглаварот на ИВЗ предупредува дека споменатите пропагатори кои се повикуваат во името на верата, всушност ги наведуваат младите на погрешен пат.

– Таквите мисионери можат да предизвикаат штета меѓи неискусните млади луѓе што не се многу упатени во исламското учење. Реков, со помош на Алах тие гнезда ќе се растурат, а за сите тие што сакаат да се усовршуваат и да учат за исламот, постојат едукативно-просветни институции каде што тоа можат да го сторат. Тоа е единствено исправно и демократски. Да бидеш платен од надвор за мисија што предизвикува забуна меѓу луѓето претставува ѓаволска работа – потенцира реисот.

Реџепи упатува и порака до Садула Бајрами дека ја згрешиле земјата во која се трудат да внесат раздор меѓу муслиманите и меѓу сите други луѓе.

– Но, точно е дека н` вознемируваат со својата пропаганда на социјалните мрежи бидејќи го злоупотребуваат исламот. На пример, тој што во името на исламот тврди дека Правниот факултет е харам, за мене е монструм – изјави Реџепи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top