Дали Авганистан стана ново упориште на Исламската држава, откако двајца бомбаши самоубијци во саботата во тамошната престолнина Кабул убија најмалку 80 и ранија над 230 луѓе.
Експлозиите во Кабул ги прекинаа мирните демонстрации на припадниците на народот Хазари, персиско-шиитско малцинство во Авганистан.
Протестот е одржан поради плановите на Владата да го промени планираниот тек на еден далновод, кој прво требало да минува низ областа која ја населуваат овие шиити и да им донесе економски напредок и работни места. Иако во првиот момент можеше да се помисли дека нападот го изведоа сунитските талибанци, во прашање е една друга сунитска екстремистичка група – глобално присутната Исламска држава.
Со ова таа парамилиција стапува на голема сцена и во нестабилниот Авганистан.
Според наводите на медиумите, во текот на јуни стотици луѓе избегале од авганистанската покраина Нангарх, по повеќедневните жестоки борби меѓу борците на Исламската држава и војската. Судирите почнаа по 24 јуни кога борците на ИД нападнаа еден контролен пункт на војската во дистриктот Кот.
Притоа, над 160 напаѓачи на ИД беа убиени, тврдат функционерите. Напаѓачите запалиле околу 90 куќи, но војската сепак ги потиснала. Сепак локалното население ги негира овие наводи.
– Тогаш некои жители од селата се ставија на страна на владата. Сепак ИД се врати и се одмазди, ја опиша за „Дојче веле‟ состојбата 19-годишниот Хекматјар, жител на Кот.
Во март претседателот на Авганистан Ашраф Гани по една воена операција изјави дека ИД во неговата земја е поразена. По нападите во сабота најави „одмазда‟.
Според проценките на американската војска, моментално во Авганистан престојуваат околу 3.000 борци верни на ИД. Мнозинството наводно се наоѓаат во пограничниот регион со Пакистан.
Кабул и Вашингтон сметаат дека талибанците и натаму се поголема опасност. Сепак, последните настани упатуваат на тоа дека ИД јакне на штета на талибанците и дека авганистанската Влада ја потцени силата на оваа терористичка организација.
Така наречениот Исламски Калифат е прогласен во Ирак и Сирија, а џихадистите контролираат и големи делови во Либија.
Меѓутоа, цело време голем број регрути доаѓаат токму од Авганистан. Многу дошле како „дезертери‟ на талибанците, приклучувајќи се на моментно глобално посилниот играч.
Експертите за безбедност се плашат дека поради слабеењето на талибанците, се повеќе фрустрирани милитанти ќе пребегаат во ИД.
– ИД моментно е најголем проблем за талибанците. Таа се повеќе добива на големина, а причина се интерните борби за власт меѓу талибанците, вели за „Дојче веле‟ Зигфрид Волф од Институтот за јужна Азија од Хајделберг.
На почетокот на јули американскиот претседател Барак Обама ги стопира плановите, според кои, бројот на американските војници стационирани во Авганистан до крајот на 2016 година треба да биде наламен на 5.000. Наместо тоа, до крајот на неговиот претседателски мандат во јануари 2017 година, во земјата треба да останат околу 8.400 војници. Тоа е знак дека на Кабул се уште му треба помош, велат експертите, но и знак за зголемена загриженост поради засилувањето на терористите.
Вахид Мазда, експерт по прашања за талибанците, верува дека присуството на меѓународните сили нема да ја спречи Исламската држава да регрутира борци од помалите исламистички групации во земјата. Тој сепак смета дека ИД нема во Авганистан да развие сила каква што има на Блискиот Исток.
– Исламската држава и талибанците се идеолошки и културолошки многу различни. Но, ИД може да пронајде некои поддржувачи и тоа веќе го направи. За ИД Централна Азија е актрактивна, бидејќи таму постојат многу диктатори и некои екстремистички групи. Тие покажаа подготвеност да се приклучат кон ИД, за да ги урнат регионалните режими, вели Мазда за „Дојче веле‟.
Талибанците и ИД меѓусебно се закарани иако и во двете групи доминираат сунитските екстремисти. Експертите сметаа дека сојуз меѓу двете екстремистички групи е малку веројатен, иако би можело да дојде до одреден степен на соработка.
– Сигурно постојат идеолошки приближувања меѓу двете групи, но на другата страна постојат едноставно многу фактори кои зборуваат против можноста за партнерство или дури сојуз, вели Мајкл Кугелман, експерт за Авганистан од вашингтонскиот Центар „Вудро Вилсон“.
Во јавноста постојат дури и спротивни тези – можеби јакнењето на Исламската држава во Авганистан, конечно може да ги натера талибанците на преговарачка маса, за да се стави крај на деценискиот конфликт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.