Македонија, затворена балканска земја стисната меѓу Бугарија, Србија, Грција, Албанија и Косово е едно од најдобрите изненадувања во Европа.
Дел од поранешна Југославија се до својата независност во 1991 година, таа е егзотична мешавина од цивилизациите на крстосницата меѓу Истокот и Западот.
Покрај дивите планини со спектакуларни реки, врвови и национални паркови, таа е исто така богата со културни спомени од долгата и бурна историја на инвазии и окупации од Персијците, Римјаните и отоманските Турци.

Приближно со големина на Вермонт, Македонија денес има парламентарна демократија и е безбедна, пријателски настроена и евтина земја за да се отпатува. Најдобро од сè, со туризмот во зародиш, таа сè уште е шармантно скромна и срдечна.
Тоа исто така значи дека има мали недостатоци бидејќи сè уште е земја во развој, една од последните неоткриени дестинации во Европа кои речиси никој не ги посетил- дури ни западните Европејци кои доаѓаат во блиската Хрватска. Нејзиното официјално име е Поранешна Југословенска Република Македонија како резултат на континуираните протестите од Грција за употребата на „Македонија“, бидејќи таа има регион со исто име.
Престојував во Македонија една недела во мај за културно просветлување и во главниот град Скопје во и историскиот град Охрид што се наоѓа на листата на УНЕСКО за светско наследство, на другиот крај на земјата, за да пробам вкусна традиционална кујна што укажува на грчките и турските влијанија и да пивнам од убавите локални вина и жестоки ракии во земјата.
Лесно достапната дивина во Македонија е одлична за активности на отворено, па и јас се впуштив во пешачење, лесно качување по карпи, планински велосипедизам, посетување на пештери, веслање со професионални водичи, добра идеја во земја со нечитливо кирилично писмо и мал број на познавачи на англискиот јазик надвор од главните градови.
Приказните за нивните минати авантури и животот пто го живеат во оваа малку позната енклава на Европа ќе станат едни од многуте истакнати моменти од моето патување.
Скопје, Македонија
Една плавуша во тесен, светол комбинезон како од 1960-тите години и една трендсетерка во елегантен црн фустан и високи потпетици беа само дел од модните трендови што поминуваа пред терасата на ресторанот во Југендстил „Пелистер“, каде што пиев локално црвено вино со поглед на огромниот плоштад „Македонија“ во центарот на Скопје.
Главниот град, град стар 2.500 години со 500.000 жители, е фасцинантна мешавина од културни искуства и архитектура од римската до византиската, отоманската до југословенската и современата.
Дури и во сообраќајот на речиси празните патишта се забележуваа стари возила од советско време како руските „Лади“, малите „Застава 750“, чешките „Шкоди“ и фамозното „Југо“ што магазинот „Тајм“ го оцени како најлош автомобил на сите времиња.
Лесно се шеташе низ вековите во Скопје. Во предградијата шетав низ полиња со светло-црвени булки во покрај римските урнатините на градот од 2-риот век тогаш познат како Скупи.
Од врвот на големите ѕидини на Скопската тврдина од 6-тиот век можат да се видат елегентните православни цркви, како и Националната галерија на Македонија, која е сместена во прекрасен турски амам од 15тиот век и некои од 10-те џамии од 15-тиот век што се обновиле по катастрофалниот земјотрес со јачина од 6 степени што во 1963 година уништи 80% од величенственото старо Скопје.
Јапонскиот архитект Кензо Танге победи на меѓународниот конкурс на ОН за редизајн на градот по земјотресот и неговата футуристичка зграда на Македонска Опера и Балет, со својот заоблен бетонски покрив, ја обликува панорамата на Скопје.
Но, јас имам посебна страст за бетонот од комунистичката ера – бруталистичката архитектура како е централната пошта во облик на лотосов цвет, гломазните фонтани и станбените згради – што сега имаат штосен ретро изглед.
Се чинеше дека во неделата попладне половина од Скопје беше надвор на широките булевари каде што купуваа пуканки и сладолед од уличните продавачи, поминуваа по легендарниот Камени мост од 15-тиот век преминувајќи ја реката Вардар и се упатуваа кон главниот плоштад покрај неверојатниот број на големи, нови неокласични згради и џиновски скулптури.
Сите тие почнаа да се појавуваат од 2010 година како дел од урбанистички проект „Скопје 2014 година“. Тоа е дел од владиниот план за обнова на главниот град како историски град со корени назад кон Александар Велики, кој е качен на огромен коњ на врвот на фонатата на плоштадот „Македонија“.
Планот исто така вклучува скривање на зградите од советско време зад бели гипсени столбови и фигури од нимфи на покривите. Мошне контроверзно за својата прекомерна цена во земја што се бори со стапка на невработеност од 25%, структурите и статуите наликуваат како тие во Лас Вегас. Весникот „Гардијан“ отворено го нарече Скопје „Главниот град на кичот“. Среде раскошот се издвојуваат спомен-обележјата и спомен-куќата на Мајка Тереза, која што е родена во Скопје.
До доцните попладневни часови стигнав до моето омилено соседството, тесните сокаци од калдрма во Стара чаршија, втора по големина после таа од Истанбул и исполнета со продавници за теписи и кожнени папучи и чајџилници, каде што луѓето се собираа на муабет. Сето тоа изгледаше шармантно и полно со карактер, со опојни мириси од локалите каде што се служат ќебапи и вкусни пити полнети со праз, спанаќ и сирење заедно со салати во грчки стил. За десерт оидов до една мала слаткарница за баклава и луѓето ме гледаа како слаткиот мед се лизгаше по моите прсти.
Национален парк Маврово
Македонија има дива страна: Повеќе од 75% од земјата е планинска, со 16 врвови што се издига над 2,000 метри и повеќе од 50 езера.
Огромните шуми од бор, бука и даб се дом на кафеави мечки, европски бизон, рисови, волци, диви свињи и елени. Дивината започнува во рамките на планината Водно во Скопје, каде што може да се стигне до пешачките патеки со жичара со прекрасен поглед кон градот.
Водичите Мето и Данко од „Македонија експириенс“ нè водеа 30 минути западно од Скопје, каде што носевме планинарски чевли и пешачевме 90 минути до кањонот Матка за да стигнеме до прекрасниот манастир „Свети Никола“ од пред 17-тиот век, чија внатрешност е украсена со фрески.
Се искачувавме со часови пред да стигнеме до дното на кањонот, каде што се качивме во кајаци и мирно веславме скоро 5 км по должината на основата на стрмните карпи околу тесното езеро Матка.
Нашата дестинација беше Врело, една од 10 пештери во кањонот. Тоа беше лесна прошетка меѓу блескавите сталактити и звуците на лилјаците до двете езера во пештерата, од кои едното можеби е најдлабоката подводна пештера во светот.
Следниот ден заминавме од Скопје по автопатот „Мајка Тереза“ кон запад до крило на Шар Планина на по правливиот пат во една советска „Лада нива 4×4“ до Вила Љуботен, една планинаска куќичка сместена на качен на 1,700 метри височина.
Откако се загреваме, пешачевме три часа по алпските пасишта со поглед на снежните врвови на север. Планинскиот венец ја формира границата меѓу Косово и Македонија, а на врвот Љуботен висок 2,498 метри стоевме со една нога во секоја земја.
Врвот Љуботен е, исто така, почетна точка за македонскиот дел од Виа Динарика, планинаска патека од 2,000 км што поинува низ осум балкански земји: Магазинот „Оутсајд“ ја прогласи за најдобра нова патека за 2014 година. Кога се вративме во вилата, сопствениците Васе и Викторија Видоски беа поставиле празнична маса на која имаше и чорба од дива свиња, колбаси од срнешко месо и домашно козјо сирење исполнето со див лук. И многу од Скопското пиво.
Додека завршивме со вечерата, повеќето од нас сонливо гледавме кон четирите спални соби, секоја со четири легла што семејството ги изнајмува за посетители. Следниот ден се облековме во пантолони со прерамки, зедовме и шлемови и светла за посетата на Горна Слатинска Пештера во оддалечените предели во Македонски Брод, интересно патување во друштво на лилјаци што висеа од таванот на пештерата како грозје.
Тоа попладне пристигнавме во прекрасното планинско село Јанче во рамките на Националниот парк Маврово, а мала локална џамија само што прваше молитва, која што одекнуваше низ пошумената долина. Се пријавивме во малиот еко-хотел „Туто“, чиј ресторан е член на „Слоу Фуд Македонија“, за да ги наполниме батериите за нашиот последен ден со планинскиот велосипедизам и јавањето со традиционална локална храна.
Додека стигнавме во историскиот град Охрид следниот ден, нашите тела не болеа од сета активност, што беше знак дека е време за културна пауза.
Охрид, Македонија
Процветаните виолетови дрвја беа наредени покрај пешачка патека долж брегот на тиркизното Охридско Езеро, каде што лебедите си играа во плиткото, а светло бојадисаните такси кајчиња поминуваа.
Охрид е една од најстарите човечки населби во Европа што прв пат се споменува во грчки документи од 353 п.н.е., а езерото, старо повеќе од 3 милиони години, е најстарото езеро во Европа и едно од најстарите во светот, кое има флора и фауна што датираат од терциерниот период.
Градот со 42.000 жители е омилена дестинација за одмор за Македонците. Стариот град на Охрид и езерото се на листата на УНЕСКО за светско наследство.
Утро го започнав покрај локалците со турско кафе и свежа штрудла во еден локал на главниот плоштад со локалното население.
Потоа отидов до Стариот град исполнет со лавиринт од тесни улички од калдрма покрај кои имаше рузмарин, рози и камени куќи со црвени ќерамиди. Свети Јован Канео, една од најпознатите православни цркви во Македонија, сместена на висока точка над езерото.
Малку подалеку стигнав до црквата и манастирот „Свети Пантелејмон“ со своите извонредни подни мозаици. Потоа стигнав по античкиот римски амфитеатар што некогаш се користел како место за гладијаторски борби, а сега е местото за одржување летни концерти. Самоиловата тврдина, изградена во 10-тиот век од страна на Бугарското царство, го крунисува ридот на Охрид. Нејзините широки камени ѕидови, со поглед преку езерото кон Албанија на далечниот брегот, се убаво место за прошетка.
Како што се спушташе ноќта, стигнав до брегот, каде што се изградени фамилијарни ресторани над водата. Порачав локална супа од риба и печена пастрмка фатена истиот ден од езерото.
Водата нежно прскаше под штици под моите нозе додека ветрот ги нишаше фенери и се слушаше звукот на музиката од друг локал. Без гужва, без притисок за одење од местото, без шок кога пријателскиот келнер ја донесе мојата сметка. Европа не може да стане подобра од ова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


