| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски во охридско- се решава проблемот со канализација и водоснабдување во Горенци

Околу 350 жители на селото Горенци во атарот на општина Дебрца од идниот месец ќе бидат приклучени на канализациска мрежа. Новиот систем за третман на отпадните води вреден 250.000 евра, е реализиран со средства од ИПАРД програмата, преку Агенцијата за рурален развој.

Со овој проект, како што констатира денеска лидерот на ВМРО-ДПМПНЕ Никола Груевски, кој е во општина Дебрца, ќе се реши едно од најголемите барања на жителите од ова населелено место.

Новата канализациска мрежа ќе биде поврзана со регионалната колекторска мрежа за третман на отпадни води, која опфаќа повеќе села од тој дел на општината и чија изградба е во завршна фаза. Ќе биде поврзана и кон главниот колекторкси систем за третман на отпадни води околу Охридското Езеро.

На средбата со локалното население, Груевски беше запознаен со барањето на жителите за надминување на проблемот со водоснабдување, односно рестрикциите на доток за вода на пиење во летните месеци.

Градоначалникот на општина Дебрца Игор Трајкоски посочи дека проблемот веќе е решен. Порачана е нова пумпа за вода за пиење што ќе биде инсталирана во текот на август годинава со што ќе биде решен проблемот.

Жителите на село Горенци изразија благодарност за решавањето на нивните секојденевни потреби и го искористија присуството на Груевски да побаарат од институциите да се погрижат и за уредување на транспортот на населението, односно поголема редовност на локалните превозници на закупените линии од селото и кон селото за Охрид.

– Растојанието меѓу Охрид и Пештани во километри е исто колку што и оддалеченоста од градот до Требеништа. Месечен билет за жителите на Пештани чини 800 денари, а за нас 1.600. Ако не му се исплаќа на превозникот да вози, тогаш нека не ја презема обврската, рече жител на Горенци.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски рече дека наскоро ќе оствари контакт со автопревозниците што ја имаат обврската да одржуваат редовно автобуски линии кон селото.

Жителите побараа да се урнат и два руинирани објекти во центарот на селото кои, како што велат, поради дотраеноста претставуваат опасност за населението. За овој проблем надлежните истакнаа дека ќе се реши откако ќе се уредат имотно-правните односи, бидејќи се работи за објекти во приватна сопственост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top