Интернационалниот Олимписки Комитет утре ќе изрече казна – забрана за настап на дури 387 руски спортисти како одговор на огромниот допинг скандал во оваа земја, што според доказите на ВАДА бил контролиран од страна на државните власти на оваа велесила. ИОК пред неколку дена формираше специјална комисија за дополнително да ги разгледа доказите во извештајот на ВАДА, но и да ја разгледа правната оправданост на една вака ригорозна казна.
Сепак, откако Судот за Арбитража во Лозана ги одби жалбите на руските атлетичари, сега веќе во Интернационалниот Олимписки Комитет нема ниту грам сомнеж дека суспензијата треба да се „прошири“ и на останатите спортисти кои доаѓаат од оваа земја.
Ова ќе се однесува на репрезентациите од колективните спортови, но и на фаворитите за медал во велосипедизам, џудо, борење и останатите спортови во кои руските спортисти важеа за фаворити на претстојните Олимписки Игри. За ИОК извештајот што го презентираше Ричард Мекларен е апсолутно валиден, а првите луѓе на олимпизмот се решени да одговорат со жестоки казни.
– Рускиот допинг е напад на регуларноста на целиот спорт. ИОК сака да ја казни државата за да покаже дека такви дејствија заслужуваат максимална казна, а се дискутира дури и за продолжување на суспензијата за претстојните Зимски Олимписки Игри што во 2018 година ќе се одржат во Јужна Кореја – вели висока личност од ИОК за весникот „Дејли мејл“.
Првиот човек на ИОК, Томас Бах, сепак истакнува дека мора да се земат во предвид „правата на индивидуалните случаи“. Ова значи дека оние руски спортисти кои ќе докажат дека во последните години цело време тренирале надвор од својата земја би добиле зелено светло за учество на ОИ, но врз нив ќе бидат вршени дополнителни допинг тестови, како пред Игрите, така и за време на најголемиот спортски спектакл.
Две атлетичарки, Јулија Степанова и Дарија Клишина, добија шанса за настап исполнувајќи ги овие услови, па останува да се види колку останати спортисти од Русија ќе можат да ги задоволат критериумите за да добијат зелено светло за настап во Рио де Жанеиро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.