Истите тие болни умови што постојано заговараат и јавно повикуваат на крвопролевање во Македонија, сега, преку сликите од Истанбул и Анкара, имаа можност со свои очи да видат колку скапо може да нѐ чини сите нивното деструктивно и антидржавно дејствување. Искрено, не верувам дека епилогот од обидот за насилно симнување од власт на турскиот претседател ќе ги вразуми, но сигурен сум дека во случај да дојде до реализација на слично сценарио тука кај нас, секој од нив ќе го понесе својот дел од одговорноста.
Затоа, на истите тие пучисти што се самомотивираат со повици за крвопролевање треба да им биде јасно дека од повеќе причини не може да се случи сценарио како во Турција, пред сѐ, поради смиреноста на македонскиот народ, како и поради тактичноста на Никола Груевски, кој неколкупати досега успешно избегна вакви несакани ситуации.
Тоа, пак, што и овој пат не успеаја да ѝ го „продадат“ на јавноста, е обидот преку турската приказна, мешајќи баби и жаби, да го оправдаат своето антидржавно и антимакедонско дејствување. Без да навлегувам во оправдување или осудување на начинот на кој властите во Турција се соочуваат со пучистите, ќе издвојам десет факти што укажуваат дека кризите во Македонија и во Турција се решаваат на дијаметрално спротивни начини:
1.
Опозицијата во Турција застана зад демократски избраната власт и го осуди обидот за државен удар.
Кај нас опозицијата се слика со јатаците на терористите, а ги напаѓа безбедносните сили и ги уништува државните институции.
2.
Опозицијата во Турција ја испочитува волјата на граѓаните и застана зад мнозинството во одбрана на државата.
Опозицијата во Македонија упорно ја гази волјата на граѓаните и го смета мнозинството за глупаво, недоделкано, корумпирано, заостанато… што не заслужува да има право на глас и своја држава.
3.
Претседателот на Турција реши со челична тупаница да се соочи со пучистите. Премиерот на Македонија реши пучистите да ги порази на легитимни предвремени избори.
4.
Реџеп Ердоган ги смести во затвор сите што сакаа да ја преземат власта со насилство.
Никола Груевски, и покрај заканите, им дозволи на Заев и на СДСМ да бидат дел од власта и да учествуваат во организирање избори на кои ќе го признаат поразот.
5.
И во Турција и во Македонија пучистите не добија поддршка од народот. Разликата меѓу турскиот и македонскиот народ е во тоа што Турците ги казнуваа предавниците на улиците, а Македонците сѐ уште трпеливо ги чекаат да се појават на избори. До кога ќе имаат трпение, не се знае!
6.
На барање на народот, Реџеп Ердоган сака да ја врати смртната казна.
На барање на народот, Никола Груевски сака да организира фер и демократски избори.
7.
По пучот, Ердоган направи чистка во полицијата и отстрани од должност 8.000 полицајци.
По заканата за пуч, СДСМ влезе во владата и доби министер за внатрешни работи, кој направи партиска чистка на повеќе од 400 позиции.
8.
Ердоган уапси повеќе од 6.000 пучисти под оружје за само неколку часа.
Груевски толерира грст платеници да ја држат државата во заложништво повеќе од една и пол година.
9.
За само една ноќ во Турција загинаа повеќе од двесте луѓе, од кои повеќе од половината цивили.
Во изминатата една и пол година во Македонија загинаа осум полицајци во Диво Насеље, но ниту еден цивил не го загуби животот и покрај многубројните насилства.
10.
И во двете приказни, и тука и таму, американските амбасадори почувствуваа потреба да се правдаат дека нивната држава не е вмешана во нелегалното уривање на властите. Зошто е тоа така, тие самите треба да објаснат.
Искрено се надевам дека Македонија ќе успее на мирен начин да излезе од кризата и дека турското сценарио ќе остане само неостварен сон на нашите пучисти. Сепак, дури и да успеат да испровоцираат насилства од поголем обем, уверен сум дека сонот многу брзо ќе им се претвори во кошмар.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата