Младата, но веќе голема ѕвезда Феликс де Лает (Felix De Laet), познат по уметничкото име Лост Фрикфенсис (Lost Frequencies) е уште една од големите ѕвезди што за првпат ќе ја види македонската публика и таа од регионот на првото издание на „Охрид колинг“, закажано за 1 август на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Познат по сингловите „Are you with me“ и „Reality“, младиот Белгиец благодаремие на овие две песни стана планетарно познат, а неговиот успех расте навистина вртоглаво. Станува збор за хитови што заедно бележат преку 200 милиони прегледи на „Јутјут“ и се наоѓаат меѓу десетте најслушани песни изминатата година, според податоците од сервисите „Шазам“, „Спотлајф“…, каде што белгискиот продуцент Феликс де Лает (како што му е полното име) се најде во друштво со хитмејкерите како што се Виз Калифа (Wiz Khalifa), Ели Гулдинг (Ellie Goulding), Кајго (Kygo) и Федер (Feder).
Дека со излегувањето на овие два планетарни хита му се промени животот, потврдува и популарниот диџеј.
– До пред излегувањето на „Are you with me“ јас бев само обичен студент и откако излезе песната, таа стана навистина многу популарна во Европа. Во тоа време сè уште студирав, бидејќи светот во музичката индустрија понекогаш е застрашувачки и не знаев како сè ќе заврши. Си реков дека ќе ризикувам и направив уште една песна- „Reality“. И таа помина одлично. Среќен сум со се` што ми се случува моментално, животот навистина многу ми се промени- вели диџејот Лост Фрикфенсис.
Тоа го докажува и неговата континуирано набиена концертна агенда, која вклучува настапи на сите актуелни светски фестивали, како и клубови во светот.
За септември, Лост Фрикфенсис го планира и својот прв комплетен студиски албум, кој го најави во јуни со уште еден хитовски сингл насловен „Beautiful fife“, со Сандро Чаваз (Sandro Cavazza) како негов соработник. Оваа песна ќе биде носечки звук за тоа што овој диџеј ќе го понуди во септември кога ќе излезе неговото студиско првенче.
По забавата со Ники Ромеро и со Лост Фрикфенсис, а во рамките на „Охрид колинг“, ќе се случат уште два концерта. На 13 август ни доаѓа светскиот гитарски виртуоз Ал ди Меола (Al Di Meola) со ексклузивен концерт на Античкиот театар, додека на 14 август на стадионот „Билјанини извори“ после 10 години во Македонија ќе настапат „Продиџи“ (The Prodigy) – една од најголемите светски музички атракции на сите времиња.
Билетите се во продажба на сите продажни места на „Купи карти за сè“ и на „Тикет плус“, како и преку интернет.
Организатор на „Охрид колинг“ е „Авалон продукција“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.