Кризата во преден план и Заев како лидер на опозицијата нудат плашт зад кој се одвиваат многу дејства што се посакува да останат далеку од очите на домашната и на меѓународната јавноста. Но, и од очите на сопартијците и на поддржувачите на СДСМ. Се кријат главните мотиви и цели зад Заевата флоскула „борба за слобода и за демократија“, а тоа, пред сѐ, се парите, за себе и за партијата. Затоа и по секоја цена стои на црвената линија СДСМ без избори да влезе во власта, кризата да продолжи, а изборите да се одложуваат.
Имајќи ги предвид документите до кои дојде „Република“,место да се фокусира на изборите договорени на 24 април, во согласност со Договорот од Пржино, Заев мака мачел како да го продолжи хипотекарниот договор со кој Комерцијална банка во залог го има седиштето на СДСМ. За потсетување, кредитот што на 19 април 2011 година го зеде тогашниот претпоставен на Заев, Бранко Црвенковски, истече на 19 април 2016 година. Токму затоа, Заев, веројатно, и ги активираше „пријателите од надвор“, под изговор за, божем, спорни гласачи и медиумски регулирања, само за да се спречат изборите, додека тој успее да го продолжи рокот на кредитната линија.
Судејќи според документите, како и според случувањата од тој период, меѓу одлуката на Централниот одбор на партијата за продолжување на договорот за кредит со таа банка и потпишувањето на анексот на тој договор за дополнителни нови пет години, односно до 19.4.2021 година, во јавноста се појави уште едно аудио од фонотеката на Заев со криминално прислушувани разговори. Тоа беше разговор токму на директорот на Комерцијална банка, Хари Костов, од „фонотека“ што Заев ја задржа и не ја предаде во СЈО. Таа „фонотека“ содржи веројатно исто толку разговори колку што, наводно, предаде до СЈО, па се поставува прашањето, колку може да биде коинциденција токму тогаш да се случи објавување на оваа снимка. Воедно, таа „случајност“ е дел и од одговорот на прашањето – зошто беше пуштен разговор на Хари Костов, поранешен министер и премиер од редовите на СДСМ, и каква врска има тој разговор со „Слободата и демократијата“?
(Де)Активирана хипотека
Ако Бранко Црвенковски ја задолжи СДСМ, Зоран Заев ја доведе до банкрот. Како поинаку да се толкува тоа што хипотекарниот кредит од Комерцијална банка земен во 2011 година, со анекс на договорот е продолжен до 2021 година?
Кога Зоран Заев стана нов претседател на СДСМ сите велеа дека „ја купил“ бидејќи бил финансиски најмоќен. Но, откако е Заев на чело, партијата ја тресат криминални афери, а не заостанува ниту Општина Струмица, каде што е градоначалник и „локален шериф“. Прашањето што се отвора сега е дали Заев ја користи ситуацијата и преку тендерите во Струмица и општините во кои СДСМ е на власт ја одржува партијата во живот?
Документацијата на „Република“ покажува дека Заев како претседател и Оливер Спасовски како одговорен за материјално- финансиско работење на партијата, во име на СДСМ од една и Комерцијална банка а.д. Скопје од друга страна, потпишуваат Анекс број 1 кон Договорот за залог на недвижен имот со својство на извршна исправа, склучен на ден 27 април 2016 година, со кој врз основа на Анекс број 1 кон Договорот за рамковен револвинг кредит-лимит (РРКЛ) се менува и дополнува рокот за враќање на кредитот земен во 2011 година. Така, место СДСМ да го врати долгот заклучно со 19 април 2016 година, партијата го продолжува договорот за задолжување од 1,6 милиони евра со рок за враќање до 19 април 2021 година.
Всушност, се работи за хипотекарен кредит што во 2011 година во име на СДСМ го зема тогашниот партиски претседател Бранко Црвенковски од Комерцијална банка во висина од 1.600.000 евра (еден милион и шестотини илјади евра), со намена за финансирање на партиската изборна кампања.
Договорот за залог на недвижен имот од 28 април 2011 година има својство на извршна исправа. Хипотеката е впишана и на имотните листови за земјиштето и на објектот на централата на СДСМ; како обезбедување за паричното побарување од Комерцијална банка во висина од 1.600.000 евра.1
Партијата во април годинава се согласува, според Договорот од 2011 година и според Анексот од 2016 година, да се заснова заложно-правна хипотека во корист на Комерцијална банка врз недвижниот имот со сите доградби и надградби сега и во иднина, за обезбедување на побарувањето, кое претставува збир од главнината од 1.600.000 евра и зголемено со каматите и со трошоците, провизиите, даноците и со сите други трошоци што може да произлезат во случај на присилна наплата.
СДСМ ги заложил и радијаторите
Одлуката за задолжување и заложување под хипотека поминала и на Централниот одбор на 25 март 2016 година, според која се дава право да се смени и продолжи рокот на хипотекарниот долг на партијата, а новото задолжување се дополнува со обезбедување подвижен имот и меници. На седницата, покрај членовите на ЦО, биле поканети и челниците од надзорниот одбор, задолжениот за меѓународна соработка, скопската организација, пратеничката група, градоначалниците и други што немаат право да донесуваат одлуки.
Според записникот од седницата, како подвижен имот ЦО на СДСМ во Комерцијална банка ги заложува и системот за греење, ладење и вентилација, радијаторите, системот за проветрување на санитарните јазли, топлинската потстаница, електричниот топловоден котел, редица пумпи и вентили, сите во сопственост на партијата, а проценети од стручните служби на банката.
Централниот одбор дал согласност СДСМ да издаде и три сопствени акцептирани меници со менични изјави со согласност банката да ги пополни и употреби за наплата на побарувањата без протест. Според записникот од седницата на ЦО, генералниот секретар Оливер Спасовски посочил дека одлуката е со цел „да ја држи отворена рамката за кредит од 19.4.2011 година до 19.4.2016 година“. Се наведува и дека во расправата по оваа точка учествувал и Зоран Заев, по што оваа предлог-одлука е едногласно усвоена.
Телефонскиот разговор на Костов за обезбедување на рокот
Токму во периодот меѓу партиската процедурална одлука за задолжување и официјализирањето на договорот со Комерцијална банка со што на партијата ѝ се овозможува кредитната линија да ја користи и отплаќа до 2021 година, случајно или не, на интернет беше објавен разговор на директорот на Комерцијална банка Хари Костов. Станува збор за разговор што потекнува од колекцијата прислушувани разговори што не завршија кај Катица Јанева во СЈО, туку останаа по фолдерите кај луѓе блиски на СДСМ. Да се потсетиме, дел од овие противзаконски снимени разговори беа најдени кај Захир Бекири- Чаушот, Зоран Божиновски се пофали преку социјалните мрежи дека има цели компјутерски папки со разговори, а дел од нив објавуваа и други познати членови на СДСМ.
На снимката може да се слушне приватен разговор меѓу двајца пријатели на функција во која од Хари Костов се бара помош за вработување дете на трето лице. Во разговорот нема ништо нелегитимно, Костов предлага кандидатот да се пријави за работа, да помине низ тестирањата и филтрите, без никакви отстапки или, како што вели, „ќе видиме“. Во натамошниот тек на приватниот разговор станува збор за многу приватни секојдневни работи, кој колку и каде вежбал, кој каде ќе одел на викенд, детали од секојдневието и дејствувањата со блага доза на хумор – својствено за секојдневен телефонски разговор меѓу двајца познајници. Но, во еден момент, говорејќи за „табиетите“ на луѓето, директорот како низ смеа посочува „Дај му кредит што не треба да го враќа и ќе видиш како ќе бидеш најдобар за него“.
Интересно е што овој разговорот на Костов во јавноста беше објавен на 28 март, неколку дена по одлуката на СДСМ да го продолжи рокот на кредитот и пред конечното потпишување на договорот со банката. Не може а да не се поврзат овие случувања во низа, односно да не се постави прашање каква улога одигра снимката при склопување на овој „договор“? Дали преку овој навидум невин разговор, всушност, Заев му испрати порака на Костов да не ни помислува да отстапи и да не го продолжи договорот или да ја активира хипотеката? Или, народски кажано, објавувањето на снимката беше во функција на класична уцена и заплашување – или ќе се продолжи рокот и нема да биде активирана хипотеката или ќе бидат емитувани и други посочни разговори на Хари Костов?
Кога во 2011 година Бранко Црвенковски го зеде хипотекарниот кредит од Хари Костов, во договорот, во членот 10 се наведува дека двете страни се согласуваат дека договорот е извршен по изминување на рокот на достасаност кога должникот нема да ги изврши своите обврски. Потоа СДСМ во својство на Должник Заложен Должник конкретно изјавува дека се согласува во случај на негово доцнење, а со цел да се одржи, дочува и продаде заложената недвижност, доверителот (банката) да може непосредно да спроведе присилно извршување, иселување и одземање на залогот од СДСМ.
Или поедноставено, ако СДСМ не го врати долгот навреме и ако Заев не „издејствуваше“ продолжување на кредитот, банката ќе имаше право да ја активира хипотеката и да го одземе заложениот имот, со што партијата, практично, ќе останеше, буквално, на улица.
Како дојде до првиот кредит?
Бранко Црвенковски како единствен претставник на Договорот за хипотекарниот кредит склучен на ден 26 април 2011 година, по одлука на Кредитниот одбор на Комерцијална банка на 19.4.2011 година ја задолжува партијата за 1,6 милиони евра. Според овој договор, СДСМ и Комерцијална банка спогодбен ја определиле приближната вредност на недвижниот имот на два милиона евра во денарска противвредност.
Кредитот беше подигнат за да може да се финансира изборната кампања, што предизвика реакција во јавноста околу легитимноста на таквиот вид финансирање со оглед на фактот дека изборниот закон не го дозволува тоа.
– Одлуката да се земе хипотекарен кредит е донесена на седница на Централниот одбор на СДСМ на 20 април годинава. Овие пари се дел од рамковниот хипотекарен кредит земен од Комерцијална банка. Вкупната вредност на рамката е 1,6 милиони евра. Ќе повлекуваме пари во зависност од тоа како ни требаат – беше партискиот став за јавноста.
По парламентарните избори таа година СДСМ го прикажа кредитот од Комерцијална банка како „донација“, но Државната комисија за спречување корупцијата не го прифати тоа, ниту сметаше дека е дозволено кредит да биде извор на финансирањето, па поднесе кривична пријава. Истата пријава подоцна била стопирана.
Кредит од Комерцијална банка е земен и за изборите во 2013 година, бидејќи во партијата се убедени дека кредитот е дозволен за плаќањето на трошоците во кампањата.
Оттука се наметнува дилемата дали Заев и СДСМ парите од обновениот кредит повторно противзаконски ќе ги користат за финансирање на изборните кампањи за претстојните предвремени парламентарни и локални избори?
Чиј е објектот даден под хипотека?
Седиштето на СДСМ, всушност, е државен имот, кој го добива во 1993 година со неколку управни постапки, со замена на земјишта и уписи водени во Град Скопје, Kатастарот и во Министерството за финансии. СДСМ го здобива имотот без никаков надомест, кој минатите пет, а и следните пет години ќе биде под хипотека во Комерцијална банка. Овој државен имот претходно бил на користење на Министерството за наука, како и на Рударскиот институт и на Министерството за култура.
СДСМ во 1991 година поднел пријава во Градскиот секретаријат за внатрешни работи при Собранието на Град Скопје дека Сојузот на комунистите на Македонија го менува името во Социјалдемократски сојуз. Со тоа СДСМ успева да добие имотен лист дека поседува згради во Градски ѕид на булевар Илинден б.б. во Скопје, кои, според Решението на геодетската управа од 1993 година, всушност, се станбени згради што ги градел и поседувал Централниот комитет на СKМ – Скопје.
Потоа со Договор за замена на движен и на недвижен имот со Министерството за финансии, со кој државата, за сметка на станбените згради што ги присвојува партијата со проста промена на име, на СДСМ му доделува имот на улица Бихаќка, односно денешното седиште на партијата на улица Павел Шатев во Скопје.
Или, упростено, со имот изграден од пари на граѓаните СДСМ прави замена за друг имот, кој е државен и кој денеска е нивни партиски штаб.
За склучување на Договорот е донесена одлука на Влада, во која премиер е Бранко Црвенковски, инаку и претседател на СДСМ и партиски шеф на Никола Поповски, кој како партиски секретар се потпишува на Договорот. Во името на државата е потпишан тогашниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Покрај зградата и парцелата, со Договорот СДСМ го приграбува и целиот подвижен имот што се наоѓал во него, односно канцелариски мебел, возила и слично. Веднаш потоа во 1993 година е направена и промена во Геодетската управа. Во 1998 година СДСМ бара од катастaрот да направи упис на сопственоста на земјиштето на име на СДСМ.
И ПЕИ должник кај Костов
СДСМ како правен субјект не е единствената партија од опозицијата што има долгови и хипотеки „во мирување“ во банката на Костов. „Република“ дознава дека партнерот на Заев, коалицискиот соборец Фиат Цаноски и неговата фирма „Фине“ има извршно решение за наплата на хипотекарен долг вреден меѓу 5 и 7.000.000 евра во Комерцијална банка. Цаноски, како што неодамна беше објавено во медиумите, во 2011 година поднел барање за легализација на 1.151 квадратни метри доградба на објектот ФОН, а постапката сè уште не е завршена, па ТД „Фине“ д.о.о. Скопје, во моментов, нема имотен лист со вкупната изградена површина на објектот. Всушност, низ банкарските кулоари велат дека се чека легализацијата на објектот за да може да се наплати долгот кон банката. Но, се додава дека тоа не е единствениот долг и дека „на врат“ има уште едно извршно решение за наплата на хипотекарен кредит вреден меѓу 3 и 5.000.000 евра во Тутунска банка. Прашањето е дали зад неактивирањето на ова извршно решение нема заткулисни односи на Цаноски со лице во банката во Македонија? Компанијата на Цаноски е должник и на државата по основа на ненаплатен данок во висина од околу еден милион евра.
Текстот е објавен во најновиот број на неделникот Република, бр. 203, кој излезе од печат денеска, на 22 јули 2016 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.