| четврток, 6 декември 2018 |

Кој е мултимилионерот кој ја освои Пипа?

Сите светски медиуми пренесоа дека сестрата на британската принцеза Пипа Мидлтон (32) ќе се омажи за 40-годишниот Џејмс Метјуз, а веридбата веќе се случила минатиот викенд. Таа наводно била потполно изненадена од неговото прашање, но воодушевено се согласила. Но, кој е човекот којшто успеа да ја освои најпосакуваната британска дама?

Џејмс Метјуз (40) е менаџер на хеџ фонд, а за прв пат го поврзаа со Пипа уште во 2012-та година, но сето тоа траело кратко. Таа потоа три години се забавуваше со банкарот Ник Џексон, но откако раскинаа, повторно ја обнови врската со Џејмс. Но овојпат нештата очигледно биле малку посериозни…

И иако се во врска помалку од година дена, Метјуз одлучил да ја запроси и тоа на традиционален начин такашто пред просидбата побарал дозвола од нејзиниот татко.

А има и неколку нешта коишто прават Џејмс да биде одличен избор за Пипа.

Прво, славата за него не е ништо непознато. Неговиот брат Спенсер е ријалити ѕвезда, но и ги наполни насловните страници поради својата зависност од стероиди и бурниот љубовен живот. Можеби Пипа и Џејмс се зближиле токму поради своите познати членови од семејството, но едно е сигурно, а тоа е дека и двајцата знаат како изгледа да се живее под лупата на јавноста.

Второ, исто како и семејството Мидлтон, семејството Метјуз има скромно потекло. Мајката на Пипа ја започнала својата кариера како стјуардеса, додека таткото на Џејмс бил автомеханичар пред да направи неверојатно богатство во авто-индустријата.

Нивната свадба би требало да се случи во 2017-та година и се најавува дека ќе биде една од најгламурозните во Велика Британија. Јасно е дека Пипа нема да ја надмине свадбата на својата сестра Кејт и Вилијам, но токму нивната венчавка ја лансираше Пипа помеѓу ѕвездите.

Џејмс и Пипа ни изгледаат како убав пар, па ако сите нагодувања се точни, со нетрпение очекуваме и вести во врска со нивната спектакуларна венчавка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top