Кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски е вмешан во можен криминал со цената за организиран превоз за ученици во општина Куманово, обвини Зоран Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ако општина Битола и градоначалникот Владе Талевски, организирале превоз на ученици кој во просек чини 4,2 денари за километар, согласно информациите со кој располагаме просечната цена на чинење во општина Куманово за изминат километар изнесува неверојатни 2.741 денар. Ако ова е точно, тоа значи дека кумановци под раководство на Зоран Дамјановки од СДСМ плаќаат превоз на ученици кој е поскап за 652 пати споредено со Битола. Ова е силен индикатор за огромен грабеж на граѓаните. Ваков случај кој отвора сомнежи за дрзок, безочен и мегаломански криминал досега Македонија не видела. Зад плаштот за превоз на ученици да се организира систем на енормно преплатување на услугата, и сето тоа платено со парите на кумановци, рече Ѓорѓиевски.
Според него, алибито кое Дамјановски го користи за ваквото разграбување и преплаќање е дека во цената на децата им е вклучен целодневен билет кој учениците можат да го користат за едукативни цели, односно за посета на курсеви, тренинзи доедукација и унапредување на знаењата, што е, нагласува, во спротивност на Законот за средно образование, и членот 41, кој кажува дека бесплатниот превоз се организира за дестинација до училиштето во кое се образова ученикот. Тој додава, дека токму ова Дамјановски го користел да ја прошири услугата и на тендерите да се качуваат цени кои потоа ги добивала фирма која низ Куманово била познато дека е блиска до СДСМ.
-Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека Битола плаќала јавен превоз поскап од Токио, аналогно на ова, Зоран Дамјановски плаќа во Куманово поскап превоз и од Токио, од Њујорк, Лондон и од други десетина светски метрополи заедно. Мега скандалот со преплатениот превоз во Куманово е најдобар показател за политичките хајки кои се прават од страна на СЈО против Битола и Владе Талевски, додека во Куманово се молчи. Сега е јасно каде одат парите на кумановци и зошто општината Куманово нема ниту основни услови за живот, рече Ѓорѓиевски и апелираше до Основното јавно обвинителство да го провери работењето на Дамјановски и целосно да го испитаат сомнежот за, како што вели, огромен криминал во општината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.