Селекторот на македонската репрезентација, Драган Раца, уште еднаш потенцираше дека нема намера да моли никого да настапува за националниот тим. Сепак, Србинот остави простор некој од оние кои лично не ги исконтактирал да се појават на денешниот тренинг, по што дефинитивно би знаел со кои сили ќе располага за претстојниот квалификациски циклус, за потоа да го реши и прашањето околу ангажман на натурализиран кошаркар.
– Од првиот момент кога дојдов овде реков дека нема да молиме никого, останувам на тоа. Јас ги исконтактирав сите кошаркари и добија покани да се приклучат, вечерва на тренингот ќе видиме кои од нив ќе бидат присутни. Од тој момент ќе се фокусираме само на играчите кои се тука, кои сакаат да играат за Македонија, јас повеќе нема ни да одговарам за прашања за оние кои не сакаат да помогнат на оваа репрезентација. Можам да кажам дека федерацијата добила писмо од менаџерот на Перо Антиќ, додека јас самиот го контактирав менаџерот на Самарџиски, од кого разбрав дека центарот веќе не е повреден. Кој и дали ќе се појави на состанокот и првиот тренинг, ќе видиме – изјави Раца.
Селекторот најави и дека дилемите околу натурализираниот кошаркар ќе бидат разрешени во следните неколку дена.
– Во зависност од тоа на која позиција ќе бидеме надефицитарни, ќе донесеме одлука за странско засилување во репрезентацијата. Постои опција за плејмејкер, не го исклучувам ниту Мекејлеб, а може да доведеме и играч кој е проверен стрелец на позиција три/четири. Се ќе се знае наскоро – истакна македонскиот селектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.