| четврток, 6 декември 2018 |

САД и ЕУ на иста линија: Судете им на пучистите, но заборавете на смртна казна

Американскиот државен секретар Џон Кери денеска на прес-конференција во Брисел, по состанокот со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, ја повика турската Влада да ги зачува мирот и стабилноста и да ги почитува демократските институции.

Кери побара владеењето на правото да преовлада во оваа држава, притоа потврдувајќи дека сојузот на САД и ЕУ останува силен и нераскинлив.

Од друга страна, Федерика Могерини, пак, порача дека никој не може да влезе во ЕУ со смртна казна во својот казнен систем, што следува по најавите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека се размислува за повторно воведување на оваа највисока казна по настаните во петокот. Сепак, тоа е против европското законодавство до кое Турција, како земја кандидат за членство во Унијата, треба да се придржува.

– Турција е важен член на Советот на Европа и ја обврзува Европската повелба за човекови права која е против смртна казна. Никој не може да влезе во Еворпската унија ако воведе смртна казна во својот казнен систем, предупреди Могерини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top