Србија и Бразил ќе ги одмерат силите во големото финале од овогодинешното издание на Светската лига, по тешко извојуваните победи во денешните полуфиналиња што се играа во Краков, Полска. Србите во драматичен дуел триумфираа над Италија со 3-2, додека Бразилците го симнаа од тронот ланскиот првак Франција, користејќи ја дури седмата меч топка за победа од 3-1 во сетови.
Србите прикажаа повеќе од Италија, но сепак дури по пет сета го скршија отпорот на „аѕурите“ и си го визираа местото во финалето. Тие го контролираа темпото во првиот сет, но потоа потклекнаа во самиот финиш, па Италија по првото водство од 24-23 на крајот славеше со 25-23 и стигна до почетна предност. Нашиот северен сосед собра сили за пресврт и водство од 2-1, но потоа Италијаните блеснаа во четвртиот сет и израмнија на 2-2 (25-18). Сепак, во решавачкиот сет пресуди квалитетот на српските репрезентативци, кои заиграа најдобро кога беше најпотребно и на крајот заслужено славеше со 15-11.
Одличен меч одиграа и Бразил и Франција, во кој „кариоките“ на крајот славеа со 3-1 во сетови успевајќи да го елиминираат бранителот на трофејот. Бразилците поведоа со 1-0, Франција одговори добивајќи го вториот сет, за потоа Бразил повторно да стигне до водство, триумфирајќи во неизвесниот трет сет со 28-26. Најинтересен сепак беше четвртиот сет во која „триколорите“ делуваа како да се целосно во контрола, пред Бразил по вториот технички тајмаут да освои девет поени во низа и да поведе со 20-16. И кога се чинеше дека јужноамериканската селекција ќе стигне до финале, Французите собраа сили за камбек и експресно израмнија на 20-20. Бразил не искористи две меч топки, потоа Франција не можеше да искористи четири топки за 2-2, за на крајот Бразил да го добие сетот со 33-31, за конечна победа од 3-1 во сетови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.