Најкраткиот одговор на ова прашање е – да, но тој предизвикува уште едно прашање: зошто ни треба меѓународна возачка дозвола ако веќе имаме биометриски на кои сé е напишано и на англиски и француски јазик?
Одговорот на него е исто така краток – за да важат нашите возачки дозволи во странство, Република Македонија треба да има склучено договор за реципрочно признавање на возачките дозволи, што според сајтот на министерството за внатрешни работи е направено само со Италија, Шпанија и Албанија. Таму се наведува и дека во завршна фаза се преговорите со Австрија за возачки дозволи од Б категорија, со Германија, Австралија, Нов Зеланд и Словенија за сите категории, а е иницирано и склучување на ваков договор и со соседна Србија.
Сето ова пак отвора уште едно прашање: дали навистина ни треба меѓународна возачка дозвола? Нашето искуство вели – да, навистина ни треба, иако во пракса при редовни контроли полициските службеници на странските држави ги преферираат нашите национални документи – тие ќе ви побараат меѓународна возачка дозвола сако ако сакаат да ви најдат нешто за да ве казнат.
Но, прописите се јасни – во цел свет освен наведените земји нашите возачки дозволи како официјален документ едноставно не важат и ако имате било каков правна потреба (сообраќајна несреќа, на пример) тогаш ќе имате проблем. Во некои држави во кои ниту тогаш нема да ви бараат меѓународна возачка дозвола сепак ќе треба да ја поседувате ако управувате со возило со нивни регистарски таблички (рент-а-кар, на пример). Исто треба да знаете и дека меѓународната возачка дозвола издадена кај нас не важи на територијата на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.