| четврток, 6 декември 2018 |

Aца Лукас: Публико, секоја чест! Од виски ќе сменам на пиво!

Река од автомобили вчера, уште од попладневните часови, се упати кон Прилеп. До вечерта, возила имаше на секој чекор, а паркирани беа до самиот излез на градот. Според податоците на Општината, повеќе од стоилјадна публика се собра синоќа во Прилеп на третата вечер од „Пивофест2016“.

IMGL9514

И овојпат дождот не ги поколеба гостите, кои очекувано вчеравечер дојдоа во најголем број на фестивалот на пивото и на скарата.

Штандовите беа преполни, а по главната улица не можеше ни да се помине. Вчера постојано се точеше пиво, а се изедоа неколку тони скара.

DSC09074

Вечерта ја отвори Миле Кузмановски, а публиката подготвено ја очекуваше „Не кани ме“ за во еден глас да го натпеат дури и него. Долго очекуваната Рада Манојловиќ, пак, ги оправда сите очекувања. Српската пејачка постојано беше меѓу публиката, играше и натправи одлична забава.(галерија тука)

DSC09769

Кулминацијата на вечерта беше настапот на Аца Лукас. Балканската ѕвезда пееше и негови, но и песни од неговите омилени изведувачи. Публиката се радуваше на секој следен хит, но најмногу кога Лукас седна на тапаните и ја засвири „Јовано, Јованке“.

DSC09881

– Прилеп, морам да признам дека ова е неверојатно. Публико, секоја чест! Пеев на Маракана во Белград, но после него ова е најголемиот настап каде сум пеел. Одлично е! – рече тој, додавајќи дека цела вечер пиел виски, но ова е „Пивофест“ и одма ќе сврти на пиво.

Тој наздрави со публиката и остана на сцената до два часот по полноќ, но забавата низ градот траеше до рано наутро.

Погледнете ја целата галерија од настапот тука.

Четвртиот фестивалски ден започна со традиционалната утринска чорба за камперите во Могилата на непобедените, која им ја послужи градоначалникот Марјан Ристески. Тој изјави дека е презадоволен што вечерта помина одлично, градот беше преполн, забавата одлична, но пред се – народот задоволен.

Вечерва прва на сцената ќе ја видиме српската дива Александра Радовиќ, за веднаш потоа атмосферата да се вжешти со маестралниот Дејан Петровиќ и оркестарот „Биг Бенд“. Публиката со нетрпение ги очекува „Парни ваљак“ со кои и ќе биде затворен овој 14. по ред „Пивофест“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top