| четврток, 6 декември 2018 |

Потресна репортажа од ранетата Ница: Два километри долга трага од мртви, крвави и луѓе кои умираа

Црвено амбулантно возило со запалени ротирачки светла пристигна и нагло закочи. Од него скокна и излезе возачот и повика: Каде се ранетите? Кај нам има само мртви, му одговорија двајца мажи додека се обидуваа да го утешат момчето кое плачеше над телото на својата мртва мајка молејчи го Алах да ја прифати на небото.

Вака почнува драматичниот извештај на репортерот на угледниот „Њујорк тајмс“, Ендру Хигинс кој се затекна во Ница на денот на досега невидениот терористички напад со камион, кој со голема брзина немолосрдно ги газеше граѓаните кои се собраа да го прослават Денот на падот на Бастилјаи вредностите на кои се темели модерна Франција. Во моментот на објавата на овој текст властите располагаа со најмалку 84 убиени и голем број повредени.

По должината на полукружното шеталиште кое се протега на неколку километри, а неидентификуван камионџија успеал да се пробие низ и преку невините жртви и да помине дури два километри, оставајќи ужасна низа од мртви и жртви кои умираа. Во еден момент таму се одвивала прекрасна улична прослава на Денот на падот на Бастилја, а веќе во следниот миг сето тоа беше прекинато од камионот што иташе зад кој останаа лешеви, шок и очај.

Меѓу првите кои се најдоа под тркалата на шеталиштето покрај плажата Ленвал беше една муслиманка на средни години. Двајцата нејзини синови и остатокот од семејството стоеја крај нејзиното тело покриено со бледо син чаршав. Некој гласно плачеше, другите само немо здрвени гледаа со запрепастување.

Во нивна близина беше уште една жртва, неидентификуван маж под чаршав натопен со крв.

Трупови нимаше толку многу што немаа со што да ги покријат сите. За да имаат барем трунка достоинство ги покриваа со чаршави од околните ресторани.

Вечерта беше ветровита, повремено паѓаше дожд, а прославата од пред само неколку минути веќе беше далечно минато. Голем број луѓе се собраа на прославата на најпопуларниот француски празник, дојдоа да го гледаат огнометот, а единствено нешто што ги загрижуваше беше тоа лошото време да не им расипе се. Мажи, жени, деца, сите тие беа лесна мета.

Ова не е воена база ни чувана зграда на некоја државна институција, тоа се само куп обични луѓе кои се собраа да се провеселат на отворено. Токму како посетителите на Батаклан, убиените во париз среде концерт, вработените во Шарли Ебдо. Или луѓето разнесени во самоубиствените детонации на аеродромот во Истанбул.

Во овој случај доволен е само еден возач и еден голем камион. Сведоците велат дека на шеталиштето дошол од една споредна уличка во која е сместена детската болница. Свртел лево и почнал да вози по шеталиштето наспроти низата луксузни вили и станбени згради. Возачот газел жртва по жртва, и како што одел понатаму така гужвата на која наидувал била се поголема.

Пјер Ру од чиј стан пука погледот на море, вели дека најпрвин помислил дека возачот едноставно изгубил контрола. Но, потоа забележал дека нема запалени светла и дека не свири. Никој што му се најде на патот немаше шанса, додава тој.

Неколку часа по трагедијата се симнал долу и запалил свеќа покрај чаршавот со кој бил покриен трупот на некој непознат маж. Додека разговарал со репортерот на „Њујорк тајмс“ подрачјето го оградувале полициски специјалци.

Симон Котериж кој исто така живее на шеталиштето, вели дека од својот стан го гледал огнометот. Кога се заврши се слушна страшен звук, се присетува.

Се прашувал, вели, дали е тоа дел од церемонијата или е несреќа, но потоа воочил десеттина мртви тела на плочникот и многу луѓе како трчаат и врескаат.

-Беше ужасно, рече накусо.

Новинарот од агенцијата AFP, Роберт Холовеј во својот извештај опиша како тој бил сведок на криците од исплашените граѓани со кои еден миг претходно уживал во спектакуларниот огномет.

-Стана тотален хаос, се леташе, морав да го заштитам лицето да не ме погоди нешто, вели и додава дека камиотнот поминал на стотина метри од местото на кое се нашол тој. Имав само неколку секунди да му се тргнам од патот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top