| четврток, 6 декември 2018 |

За „Купи куќа за млади“ во Бутел обезбедени 145 локации, во Аеродором 400, а во Кисела Вода 100

sostanokОпштините Бутел, Аеродром, Кисела Вода и Илинден интензивно работат на обезбедување локации со парцели кои ќе бидат понудени со владиниот проект „Купи куќа за млади“ и на донесување детални урбанистички планови за индустриски зони.

На денешниот работен состанок за проектот „Купи куќа за млади“ на кој присуствуваа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и градоначалници на повеќе општини, градоначалникот на Бутел, Петре Латиновски рече дека во таа општина се планирани 145 локации за „Купи куќа за млади“ кои се движат од 400 до 600 квадратни метри и се на убаво место, каде ќе биде изградено училиште.

– Со уранизирањето на руралните населени места Радишани, Љубанци, Љуботенски пат имаме околу 30 локации. Тоа се куќи, одобренијата за градба се во тек, дваесет се дадени и се гради, посочи Латиновски.

Појасни дека донесени се дуповите за двете индустриски зони: Расадник која се протега на површина од 17 хектари и Љуботенски пат на 74 хектари.

– Во Расадник на првата лицитација продадени се девет парцели. Продажбата тука не оди за едно евро. Толку се атрактивни, меѓусебно се наддаваат и цената се движи над 20 евра, што е добро за да се соберат средства за да можам да почнам да правам инфраструктура во тие индустриски зони, рече Латиновски.

Во зоната во Љуботенски пат, нагласи, направени се 90 парцели кои се движат од 1.000 м2 до 5.000 м2. – Две парцели со над 20.000 м2 имаме за странски инвеститори. Интересот кај инвеститорите е многу голем, додаде Латиновски.

Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски истакна дека во однос на Деталниот урбанистички план кој се однесува на куќи за проектот „Купи куќа за млади“ во општината се работат повеќе детални урбанистички планови: еден во Долно Лисиче и два во Горно Лисиче.

Посочи дека во Долно Лисиче, општина Аеродром е инвеститор на тој детален урбанистички план и веќе е во фаза на реализација, а очекува дека за две недели ќе биде изложен на јавна анкета.

Според Коневски, се работи за детален урбанистички план кој треба да опфати околу 200 куќи кои се на државно земјиште. Во врска со другите два детални урбанистички плана во Горно Лисиче, истакна дека тие се работат од страна на Министерството за транспорт и врски.

Нагласи дека вкупната бројка на куќи во овие два детални урбанистички планови е околу 400 куќи (200 во Долно Лисиче и 200 во Горно Лисиче) за овој проект.

– Очекувам тие детални урбанистички планови до крајот на оваа година да бидат донесени и да можеме да почнеме со реализација на овој проект во општината, рече Коневски. Индустриска зона има на патот меѓу Долно и Горно Лисиче. Тоа е повеќе од 20 хектари. Се работи за приватно земјиште. Веќе се градат индустриски капацитети за лесна индустрија, додаде Коневски.

Градоначалникот на Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ рече дека се прави Детален урбанистички план во општината, ќе се усвои на почетокот на 2017 година. а од средина на 2017 година ќе одат со продажба на 100 локации за куќи во Драчево.

– За индустриска зона зависи од тоа како ќе заврши разврската со ОХИС. Ние веќе имаме детален урбанистички план во округот на ОХИС и таму е парцијализирано. Се чека стечајната постапка на ОХИС, па да одиме со продажба на парцели, додаде Беличанец-Алексиќ.

Градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски рече дека во изминатиот период работеле за изработка на нови планови и тие се обновени.

– Сега имаме 220 хектари 1.100 за индустрија другите за домување. Имаме 1.700 хектари, а сега 2.200. Овозможивме нови 1.000 парцели за домување. За домувањето се разгледуваат 2 локации со 600 парцели и 150 парцели во Ајватовци. Има 40 барања за градба и има интерес секој ден. Граѓаните исто така и на сопствени парцели градат. Сега имаме 15-тина парцели спремни за отуѓување, а другите ќе бидат понатаму, истакна Стојановски.

Посочи дека деветте зони се простираат на површина од 1.100 хектари. – Имаме 20 локации во подготовка, а минатиот месец 5 локации на 3.000 м2 се отуѓија, додаде Стојановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top