
Доколку Македонската Православна Црква (МПЦ) од почетокот одлучеше автокефалниот статус да го решава не со Српската Православна Црква (СПЦ), туку со помош на некоја друга православна црква надвор од Југославија, Руската или Романската, тоа би било сигурно успешно решение, зашто тие земји, цркви и народи, не ѝ се соседи на нашата држава и црква и немаат асимилаторски и други претензии кон МПЦ и Македонија, вели во интервју за 24 Вести митрополитот Преспанско пелагониски, г Петар.
Владиката Петар, кој долги години е дел комисијата за разговори со СПЦ, вели дека кај најголемиот дел од српските археиреи не постои никакво расположение во Македонија да биде создадена автокефална православна црква.
– Едноставно кажано, присутно беше во минатото кај поголем број српски архиереи, а и денес е присутно кај некои, мошне влијателни архиереи на СПЦ, чувството дека Македонија ја чувствувале и ја чувствуваат, ја посакувале и ја посакуваат, како Јужна Србија и Вардарска Бановина и од оваа опсесија тешко дека ќе се ослободат – вели г. Петар.
Преспанско-прелагонискиот митрополит смета дека иницијативата на српскиот претседател, Томислав Николиќ, за враќање на преговарачката маса на двете цркви, била само политичко-маркетиншки трик.
– Уште тогаш, рековме дека пред сè господинот Николиќ ќе си направи имиџ во Македонија, и тоа се случи. Се направи собир на Зебрњак и се донесе за првпат, без одобрение на МПЦ, архиереј од СПЦ, кој изврши панихида. Србите си ја остварија целта на Зебрњак, а ние останавме затечени – вели г.Петар.
Според него, ниту аболиција на Врнишковски нема да помогне за решавање на црковното прашање.
– Но, уверен сум дека, ниту тој, ниту СПЦ, односно, творецот на овој проект, имаат желба тој да излезе од затвор – констатира г. Петар.
За него идејата да се бара признавање на автокефалниот статус со сојуз на непризнатите цркви е погубна.
– Со такво едно здружување на непризнатите цркви не се решава проблемот. Ами напротив, уште повеќе се усложнува и постои можност ние да го загубиме авторитетот што сме го граделе досега – вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


