| четврток, 6 декември 2018 |

Teшка железничка несреќа во Италија – најмалку 20 загинати (ФОТО)

Бројот на загинати во директниот судар на два воза во јужниот италијански регион Пуља се зголеми на 20, јави „Њујорк тајмс“.

Претходно, заменикот гувернерот на  Пуља, Антонио Нунцијанте, кој се наоѓа на местото на несреќата соопшти за 12 загинати и десетици и повредени, стравувајќи дека бројката ќе продолжи да се зголемува, јавува италијанската агенција АНСА.

– Ситуацијата е драматична. За среќа, спасувачките служби добро ја работат својата работа – рече Нунцијанте, додавајќи дека на местото на судирот наскоро ќе пристигнат и гувернерот на Пуља, Михеле Емилијано, и министерот за сообраќај Грацијано Делрио.

Во судирот на двата воза има и повеќе десетици повредени лица.

„Има многу мртви. Дојде до директен судир на возовите, а некои вагони се целосно уништени. Спасувачите ги извлекуваат луѓето од остатоците на вагоните“, изјави за италијанскиот весник „Република“, шефот на локалната полиција, Рикардо Цингаро.

На местото на настанот пристигна полицијата и итната служба, кои им помагаат на повредените, пренесе сајтот „Раша тудеј“.

На снимките се гледа како спасувачите се обидуваат да ги извлечат луѓето од остатоците на два целосно уништени вагона.

До несреќата дошло на пругата меѓу градовите Руво ди Пуља и Корато, во близина на Бари, на брегот на Јадранско Море.

Сè уште не е соопштено колку точно лица се повредени во несреќата, но регионалните возови што сообраќаат на оваа линија вообичаено се полни во утринските часови.

На веста за несреќата италијанскиот премиер Матео Ренци денеска го прекина говорот што го држеше во Милано, изјавувајќи дека мора да се работи на извлекувањето погинати и ранети.

Ренци додаде дека веднаш ќе се врати во Рим.

Истражителите соопштија дека постои можност сударот да е предизвикан од човечка грешка.

Еден од возовите со четири вагони во станицата требало да го сочека зеленото светло пред да тргне по единствената пруга меѓу градовите Корато и Андрија, наведуваат француските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top