Египќанецот Тарик ал Савах, кој по 14 години минати во Гвантанамо, во јануари годинава беше префрлен во Босна и Херцеговина, тврди дека подобро му било во затворот во американската воена база на Куба, отколку што му е сега во Сараево.
Во интервју за белградскиот весник „Вечерње новости”, Савах раскажува дека по префрлањето од Гвантанамо во БиХ, извесен период минал затворен во локален центар за мигранти, по што бил ослободен, но му е забрането да ја напушти територијата на Кантонот Сараево.
– Мој побратим од Гвантанамо кој беше префрлен во Црна Гора нема никакви ограничувања и живее како слободен човек, додека јас дури немам ни документи за идентификација. На што личи тоа, вели Савах.
Тој тврди дека врз основа на договорот помеѓу Вашингтон и Сараево, БиХ треба да му обезбеди услови за живот како „на секој нормален човек”.
Савах потекнува од Египет, за време на Војната во БиХ добил босанско државјанство, бидејќи се борел како доброволец-муџахедин на страна на муслиманските сили. Во 2007 година, властите во Сараево му го одзеле државјанството, поради што тој поднел тужба против државата БиХ за кршење на неговите човекови права.
Савах бил затворен во Гвантанамо во 2002 година под обвинение за тероризам, но по 14 години е ослободен поради недостиг на докази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.