Странска инвестиција во Крушево ќе вработи 300 лица. За ова разговарале Никола Груевски, претседател на ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчевски. Првиот човек на владејачката партија денеска беше во посета на Крушево.
На состанокот со градоначалникот станало збор и за инвестицијата на една грчка компанија која ќе се занимава со откуп на тутун, нешто што, како што истакна Груевски, ќе помогне многу во решавањето на проблемот со невработеноста во градот.
– Неодамна најголемата грчка компанија за откуп на тутун „Секе“ донесе одлука и инвестираше во откуп на градежно земјиште на кое што сака да изгради свој капацитет во кој ќе вложи над три милиони евра за откуп на тутун. Добрата вест е што тие ќе вработат голем број луѓе. Триесетина ќе бидат вработени во текот на целата година на неопределено време, а уште 250 до 300 луѓе ќе бидат вработени сезонски, но сезонски – девет месеци, што е речиси цела година. Тоа во моментот ќе овозможи околу 300 или повеќе луѓе да добијат работа во Крушево, што за овој град е сериозна бројка, бидејќи според статистиките во моментов има околу 1.000 невработени лица, така што вработувањата во оваа странска инвестиција во голема мерка ќе помогнат во надминување на овој проблем во градот, истакна Груевски.
Тој информира дека компанијата веќе работи во изнајмен објект на „Нико Доага“ кој го изнајмила и веќе врши откуп на тутун. Изрази надеж дека веќе наесен ќе ја добијат градежната дозвола од општината Крушево и ќе почнат со изградба на нов сопствен капацитет во кој ќе инвестираат околу три милиони евра и трајно ќе останат во Крушево.
– Ова не само што значи многу за градот, туку ќе биде значајно и за цела Македонија бидејќи на таков начин оваа компанија станува „нов играч“ на теренот на откуп на тутун, ќе ја зголемат конкуренцијата меѓу компаниите кои откупуваат тутун. Такви компании има веќе во Македонија, но ова ќе биде веќе нов крупен играч бидејќи се работи за најголемата грчка компанија за откуп на тутун, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска ја посети општината Крушево каде имаше средби со граѓани со кои разговараше за нивните проблеми и потреби, ја посети галеријата на Никола Мартиновски и неколку обновени фасади на автентични крушевски куќи, а направи и увид во работите на изградба на нов парк, канализација.
– Ги забележавме потребите на граѓаните на Крушево. Ќе се обидеме на колку што можеме повеќе од нив да им излеземе во пресрет и да им помогнеме колку што тоа е можно заедно со градоначалникот Ѓорѓи Дамчевски. Направивме увид во работите на една обемна реконструкција на водоводот односно изградбата на секундарна водоводна мрежа која е доста руинирана и има големи губитоци поради што се јави потребата таа да биде заменета со нова. Нејзината изградба ќе биде во неколку фази, првата ќе биде завршена годинава и ќе биде во должина повеќе од три илјади метри, а потоа ќе се продолжи во наредните години и на другите места во овој град. Тоа ќе овозможи големи заштеди на вода во овој град, бидејќи од една страна имаше големи губитоци на вода, а од друга страна пак Крушево се соочува со недостаток на вода поради што е исклучително важно тие губитоци да се намалат што е можно повеќе, истакна Груевски.
Во тој контекс, како што рече, со градоначалникот разговарале и за можноста да се изнајдат нови извори на вода со што би се зајакнал приливот на вода во градот и трајно да се реши прашањето за доток на вода.
Додаде дека во рамки на посетата извршил увид и во работите за изградба на нов парк во оваа општина која го прави со сопствени средства, а како што рече имал можност да ја посети и галеријата на Мартиновски.
За реновирањето на оваа галерија издвоени се средства во висина од еден милион и 200 илјади денари, а за реновирањето на фасадите на автентичните крушевски куќи се издвоени средства во висина од два милиони и 300 илјади денари.
Информира дека во разговорите станало збор и за други проблеми коишто, како што истакна, треба да се надминат, разменети биле мислења околу потребите да се средат некои туристички локации во градот.
– Во Крушево има две викенд населби во коишто може да има сериозна градежна експанзија, но потребно е да се завршат одредени инфраструктурни работи и секако дека за нивно завршување ќе помогнеме колку што е можно, потенцира Груевски.
Денешната посета, рече била можност да се слушне и мислењето на претставниците на општината, но и размислувањата на граѓаните за тоа што им е приоритет, како би можело да им се помогне и да им се излезе во пресрет и Крушево да оди напред.
– Најголем проблем на градот е невработеноста и на тоа сме најмногу фокусирани. Редовно кога се собираме на состаноците со тимот за привлекување инвестиции напоменувам дека треба да се прават максимални обиди инвеститорите кои доаѓаат во Македонија да се насочат во помалите населени места. Крушево го земаме како еден од примерите на мало населено место во кое има потреба од инвеститор, од фабрика каде би се вработиле луѓе. Не е лесно бидејќи сите инвеститори повеќе би сакале да се лоцирани во поголемите градови бидејќи можноста да најдат различни профили на невработени во однос на нивно образование и искуство е поголема. Правиме максимални напори некои од нив да ги насочиме во помалите места бидејќи имаат разни други дополнителни поволности доколку изберат помало место отколку поголем град, истакна Груевски.
Пред посетата на Крушево, Груевски го посети и селото Бучин каде е во тек изградба на пат кој ќе го поврзува ова село со селата Вашарејци, Ивановци и Трновци. Патот е долг 10 километри и се гради на барање на локалните жители. За потребите на ова село ќе има и промена на Акцискиот план за чистење речни корита со цел да се создадат можности да им се додели нафта за чистење на коритата на реките во овој дел.
Претходно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски беше во посета и на општина Кривогаштани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии