| четврток, 6 декември 2018 |

Го уриваат правниот систем за да воведат инквизиција

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Во името на некаква правда, опозицијата и шарените платеници во средновековен стил фанатично се обидуваат да воспостават инквизиторски систем во коj самите ќе водат истраги, ќе судат и ќе казнуваат политички неистомисленици. Тенденцијата што ја наметнаа уште од почетокот на кризата за девалвирање на судскиот систем кулминираше со формирање противуставно Специјално јавно обвинителство (кое се претвори во социјалдемократско обвинителство), а сега треба да заврши со барањето за некакво специјално судско одделение (читај партиски суд), кое ќе треба да суди по партиска наредба врз основа на желбите и на потребите на аболираниот Зоран Заев.

Очигледно дека ниту со бомбите на Заев, ниту со заканите и притисоците врз потенцијалните сведоци, обвинителите од СЈО не успеаја да обезбедат цврсти и суштински докази за некакви криминални дела во кои се вмешани челните луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Во таква ситуација, обвиненијата на „Заевите ангели“ нема шанси да поминат кај ниту еден судија, освен, се разбира, кај специјалните, кои би биле специјално обработени од надворешните пријатели на Заев.

На сценаристите што предвиделе на ваков начин да го казнат непослушното раководство на ВМРО-ДПМНЕ им е кристално јасно дека нарачаните пресуди нема толку лесно да поминат ниту кај граѓаните, па затоа Соросовите платеници преку своите медиуми и на социјалните мрежи веќе подолг период наназад водат голема пропагандна војна преку пласирање неиздржани обвинувања против членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, при што самите изигруваат и истражители и обвинители и судии.

Иако нема ниту еден предмет што е влезен во судница, а уште помалку завршен со правосилна судска пресуда, сите наведени во листата за отстрел на Заев и на СДСМ одамна се третираат како осудени криминалци, а висината на казните е на јавна лицитација во која почетната казна е „доживотен затвор“. За почитување на правото на осомничениот да се брани на фер судење не станува ни збор, а презумпцијата на невиност не се почитува дури ни од обвинителките во СЈО. Секој што ќе укаже или се спротивстави на јавниот линч, покрај лавината од навреди и закани, добива свое бројче на листата за отстрел.

Во инквизиторскиот систем што се обидува да го воспостави Заев со помош на „чадорот“ по формирањето на специјалниот суд, СЈО, конечно, ќе може да здивне затоа што веќе нема да има потреба да се занимава со истрага и со докази и да се бламира на прес-конференции. Впрочем, со инсталирањето партиски суд воопшто ќе нема потреба да ги убедува партиските судии во издржаноста на обвинението. Може само да си разменуваат мислења дали е подобро да ги осудат на доживотен затвор или јавно да ги егзекутираат. Потешката работа од реализирањето на сценариото е да се одржува јавноста во постојана магла и постојано да се манипулира народот дека има цврсти докази, дека казните ќе бидат заслужени, а судот, конечно, се одвоил од власта (читај се споил до опозицијата). Соросовите скапо платени медиумски перјаници, кои го предводат ловот на вештерки со ширење масовна хистерија, упорно и посветено работат во исполнувањето на оваа цел. Притоа без грам совест злоупотребуваат човечки судбини и семејни трагедии за да испровоцираат тензии со што би ги оправдале насилните дејства на хулиганите и на партнерите на Заев од подземјето.

Ваквото лудило на опозицијата, кое се спроведува поради целосната политичка инфериорност и недостиг од креативни идеи за политички натпревар, треба да ја одржува кризата во живот по секоја цена додека Заев не процени дека има шанси да се дограби до власт. Со оглед на фактот дека СДСМ нема теоретски шанси да добие власт на фер избори во блиска иднина, може да бидеме сигурни дека опозицијата и шарените платеници ќе ја насочат целата енергија кон прогон на политичките противници.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top