Атмосферата во редовите на Ливерпул дополнително се подобри откако утрово беше обелоденето дека Јирген Клоп потпиша нов договор со „црвените“ од „Енфилд“. Германецот пристигна во Премиер-лигата минатиот октомври и веднаш остави силен печат врз Ливерпул, стигнувајќи до две финалиња (во Лига-купот и во Лигата на Европа), со што ги убеди челниците на клубот дека е вистинскиот човек за оваа работа.
Раководството на „црвените“ реши да не чека премногу, па иако имаше уште три години од актуелниот договор, овој новиот потпишан денеска е со важност од шест години, се до јуни 2022 година, со што јасно се става до знаење дека на Клоп му се даваат одврзани раце да го врати Ливерпул на патеките кога овој клуб освојуваше трофеи, како во Англија, така и во Европа.
– Тешко е да се најдат зборови за да се искаже колкаво е задоволството да се биде толку ценет од страна на раководството, но и од сите во клубот. Ова е само почеток на нашата приказна во Ливерпул, но поврзаноста што ја чувствувам е неверојатна. Јас прв признавам и потенцирам дека со овој договор доаѓа и огромна одговорност, но подготвен сум на тој предизвик, да ги вратиме клубот онаму каде што заслужува да биде – истакна Јирген Клоп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.