| четврток, 6 декември 2018 |

Пол Рубиг: Ѝ честитам на владата за економскиот успех, но не ја разбирам опозицијата што сака го расипе

pol rubig

Австрискиот пратеник со најдолг стаж во Европскиот парламент, Пол Рубиг, изрази благодарност како Австриец што токму Македонија го спречи мигрантскиот наплив кон Европа.

Во исто време, во разговорот со дописникот на МИА во Брисел, европратеникот од редовите на Европската народна партија (ЕПП) ѝ честита на македонската влада, за според него, извонредните економски резултати во време на економска криза и изрази чудење како за да оствари ситен политички успех, македонската опозиција сака да го расипе тоа на штета на македонските граѓани.

Јас сум добро запознат со економските резултати на Македонија и многу сум горд дека економската состојба во земјата се подобрува. И честитам на вашата Влада за тоа што прави одлична работа. Но, не разбирам дека опозицијата сака да го расипе овој успех! Нема причина ако им се помага на луѓето, се создава поголем приход, се креираат нови работни места, а тоа вашата Влада го прави доста добро. Токму затоа, ние како ЕУ треба да сме внимателни со вашата опозиција, а тие треба малку да мислат на граѓаните на земјата, а не само да остварат некој мал политички успех, вели Рубиг.

Австрискиот европратеник што веќе 20 години е во ЕП, а и двапати е избран за пратеник на годината во ЕП, ова го вели од позиција како највлијателен член на Комитетот за буџет на ЕП и одличен економски познава. Сепак, неговата благодарност кон Македонија е посебно голема поради тоа што нашата земја го спречи големиот мигрантски наплив кон Европа.

Според Пол Рубиг, мигрантската криза е пет години стара и ЕУ знае дека со годините што доаѓаат ќе има исто така проблеми со истата. Кога Шенгенскиот и Даблинскиот систем беа развиени, според д-р Тубиг, Шенген е создаден за да изчезнат границите внатре во ЕУ, а Даблин да ги штити надворешните граници на Европската унија. Се, според искусниот австриски политичар, било договорено со едногласност, но потоа грчкиот народ гласал за комунистички режим и одлучиле дека не е потребно да се извршуваат сите правни обврски секојдневно, па многу бегалци пристигнале во Грција и итно биле транспортирани низ балканската рута до Австрија, Германија и Шведска.

Се разбира дека ние во Австрија, како и во Германија и Шведска, вдомивме колку што можевме од овие луѓе, но дојдовме до лимит каде не беше лесно да се бориме со овој проблем. Тогаш дојде до многу познатата Балканска конференција на која австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц презеде иницијатива да побара прва граница каде ние можеме да градиме нова доверба да биде Македонија. Ние сме многу благодарни дека Македонија беше во срцето на Европа и ја штитеше границата на правна основа во Европа и Македонија навистина ни помогна да ја задржиме легалноста на европскиот систем. Грција имаше голем проблем да го исполни она што го ветија и мислам дека Европа навистина беше многу среќна дека Македонија започна да превзема правни акции на терен на многу сигурен начин, вели Рубиг.

Во ситуација на затегнати односи на ЕУ со Русија и проблеми со „третиот свет“ во однос на мигрантската криза, според Рубиг, Брисел започнал да ги препознава своите вистински пријатели. Според Австриецот, Унијата има големо влијание како сила преку својот демократски модел, но не сите во светот го поддржуваат истиот.

За нас е многу важно да видиме каде ни се пријателите на кои можеме да им веруваме и каде што можеме да видиме дека и тие сакаат да испорачаат стабилност во Европа. Македонија е прва што рече: „Во ред. Грција не може да се справи со проблеми. Ние сме Европејци и ќе и помогнеме на Европа да ја обезбеди повторно правната сигурност“. Мислам дека тоа беше најдобар знак дека живееме во обединета Европа и дека некои од многу екстремната левица или од многу екстремната десница не ги прифаќаат нашите демократски процедури, не го прифаќаат нашиот систем на демократија. Тоа не е борба против Европа, туку борба против нашето мирољубиво, демократско општество градено на консензус, а нашите избори се за сите. Ние сакаме зголемени плати, добри работни места, да живееме во мир и да правиме компромиси што е потребно за да се биде толерантен и да се почитува секој, конкретен е Рубиг.

Европратеникот Рубиг е познат и по ставот во однос на медиумите во Европа, каде барате од сите национални телевизии и весници т.н. „европеизација“ во медиумското покривање. Тој смета дека транспарентноста во финансирањето на медиумите е многу важна, бидејќи некои од медиумите навистина се злоупотребуваат надвор од ЕУ. Тој е дециден дека за Брисел е важно да се има медиумски плурализам во секоја земја, како база за добар демократски развој.

Се разбира, ние треба јасно да увидиме дали медиумите врз база на вистина се обидуваат да градат добра работа или се обидуваат со дезинформирање. Некои од медиумите, како што можевме да видиме во Велика Британија, навистина ни донесоа голем неред, многу малку на број, но големи медиумски куќи преку лаги и голема негативна кампања не донесоа во многу тешка состојба. Грижата за медиумите е исто така многу важно за ЕУ и во овој дел ние одблиску ја следиме ситуацијата и во Македонија, вели Рубиг.

На крајот, коментирајќи го референдумот за излегување на Велика Британија од Европската унија и дали истиот ќе значи затворање на Унијата за нови членки, австрискиот европратеник вели дека тој лично смета дека т.н. Брегзит, напротив, ќе даде нова можност на нови земји-членки кои ќе сакаат да им се приклучат на вредностите на ЕУ. Според д-р Рубиг, посебно во регионот на Балканот е многу важно да се создаде мир меѓу различните општества и да се биде заедно во обединета Европа ќе биде голем ќар за целокупната област.

Ние сега ќе ги засилиме нашите напори да започнеме што е можно побрзо преговори и да донесеме нови членки во ЕУ. Ние сакаме да имаме успешна, а не неуспешна приказна. Во однос на Велика Британија, ќе видиме, можеби Шкотска ќе стане нова членка на ЕУ или Северна Ирска ќе ни се приклучи, па можеби дури и малата Англија ќе остане во Европската унија. Исто е и со Македонија. Мислам дека преку финансиската криза во Грција и тамошната комунистичка Влада, сега Европа ќе стане посилна во помагањето на Македонија да се реши од проблемот што ја блокира нејзината иднина, дециден е Рубиг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top