Истражниот судија при Основниот суд Скопје 1 им одреди мерка притвор во траење од 30 дена на деветмина обвинети во акацијата „Фаланга 2“. Во притвор ќе одат обвинетите И.Б, Д.М, К.В, А.К, Ш.С, З.Т, А.К, А.С, Т.Ц и А.П , а на обвинетите З.Н, З.Б, Т.И и С.М по предлог на Јавното обвинителство им определи превентивна мерка да се јавуваат кај надлежен државен орган. Превентивните мерки ќе траат додека има потреба, а најдолго до правосилно завршување на постапката.

По однос на обвинетите Д.Ш и К.Б во однос на предлогот за определување притвор истражниот судија не се произнесе. Одлуката ќе биде донесена по прибавување на известување од МВР дали истите во овој момент се наоѓаат на територијата на Р.М и дали се достапни за судот.
Основното јавно обвинителство Скопје за гонење на организиран криминал и корупција поднесе барање за спроведување истрага со предлог за определување на мерка притвор И.Б, Д.М, К.В, Д.Ш, А.К, З.Н, З.Б, Т.И, С.М, Ш.С, К.Б, З.Т, А.К, А.С, Т.Ц и А.П, поради постоење на основано сомнение да сториле кривично дело Злосторничко здружување 4, кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, тешка кражба и кривично дело прикривање.
Во полициската акција „Фаланга 2″ разбиена беше криминална група која ископувала предмети со културна и археолошка вредност и ги продавала во Македонија и во странство.
Во групата учествувале и четири службени лица вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија и Музејот во Демир Капија како и полициски службеник од Велес.
Криминалната група ископувала предмети од археолошки локалитети на територијата на Демир Капија, Свети Николе, Кавадарци и Скопје. Во групата има и двајца Срби кои ги купувале вредните археолошки предмети и истите ги препродавале во западноевропските земји.
Во текот на акцијата приведени се 14 од пријавените лица, двајцата Срби не се достапни, а три лица претходно се пријавувани во врска со истата истрага.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


