| четврток, 6 декември 2018 |

Напаѓачите во Истанбул биле Русин, Узбек и Киргиз

ataturk napad 28.6.16 2

Тројцата бомбаши-самоубијци кои во истанбулскиот меѓународен аеродром „Ататурк“ во вторникот вечерта убија, според последните информации, 43 луѓе, биле од Русија, Узбекистан и од Киргистан, изјави претставник на турската влада.

Нападот врз третиот најфреквентен аеродром во Европа беше најсмртоносниот во серијата бомбашки акции во Турција од почетокот на годинава.

Медиумите објавија дека претставник на турската влада ги навел само државјанствата на бомбашите-самоубијци, но не и нивниот идентитет.

Весникот „Милијет“, пак, повикувајќи се на свои извори во истрагата, пишува дека сите тројца бомбаши биле државјани на Таџикистан.

Според информативниот портал „Карар.ком“, терористичкиот напад го испланирала ќелија на Исламската држава во којашто вкупно влегувале седум лица. Изворите на порталот, исто така, потврдиле дека извршителите биле државјани на Чеченија, Узбекистан и на Киргизија.

Според телевизијата „Хабертурк“, еден од напаѓачите бил идентификуван како државјанин на Русија, Сман Вадинов, за што нема официјална потврда. Тој наводно потекнувал од немирната кавкаска република Чеченија и во Турција дошол од сирискиот град Рака, кој е главниот град на самопрогласениот „калифат“ на џихадистичката организација Исламска држава.

Нападот на аеродромот во Истанбул, инаку, беше изведен точно на денот кога пред две години Исламската држава го прогласи својот калифат на големите територии кои ги контролираше во Сирија и соседен Ирак.

Турската полиција во четвртокот наутро уапси 13 лица, меѓу кои тројца се странци, во врска со нападот. Безбедносните сили извршиле симултани рации на 16 локации, во три квартови на Истанбул и три кварта во Измир, каде и се сите приведени. Тие се доведуваат во врска со финансирање, логистика и врбување борци за Исламската држава.

За нападот сé уште ниедна организација не ја презема одговорноста, меѓутоа меѓународните експерти за тероризам се еднодушни дека тој ги носи сите обележја на Исламската држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top