Ни јас не можам да поверувам. Излезе мојата прва книга со поетски записи. Вака Даниела Мартиновиќ ја започнува својата приказна за „Јутарњи лист“. Четириесет и петгодишната хрватска пејачка ја објави првата книга „Шалабахтер живота“, во која отворено зборува за својата најголема и неостварена желба – да има дете.
Во најемотивниот дел од книгата насловен како „Недоставена песна“, Даниела му се обраќа на своето неродено дете, кое во стиховите го нарекува Мрвица (трошка).
– Мајчинството за мене е поприлично тешка и лична тема, а, од друга страна, со оглед на тоа дека сум пејачка, многу е јавна. Понекогаш таквите наслови за моето неостварено мајчинство ми звучат и изгледаат простачки, некоректни. Затоа, во најранливите моменти на емотивна експанзија, почнав да пишувам, да раскажувам приказна во еден облик во кој му се обраќам на моето неродено дете, на мојата Мрвица. Знаете, оние долги ноќи кога чувствувате дека немаат ни почеток ни крај, чувство дека ќе останете вечно заглавени во пукнатините на времето. Сакав да раскажам сѐ во прво лице еднина – раскажува Мартиновиќ.
Пејачката вели дека книгата ја напишала минатото лето, во краток временски период на инспирација. Таа ги криела стиховите од сите, па дури и од својот долгогодишен партнер Петар Грашо, бидејќи поминувала низ многу емотивен период.
– Дете е мојата голема желба, тоа никогаш не сум го криела, но поради некои причини, тоа досега не ми се случи. Не кренав раце од тоа да бидам мајка, но исто така го прифатив и фактот дека ќе можам да бидам среќна и ако тоа никогаш не се случи – раскажува Мартиновиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.