37-то издание на ИФФк „Браќа Манаки“ ќе го отвори премиерата на македонскиот филм „Ослободувањето на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија.

-Проектот е македонско-хрватско-финска копродукција, а филмот е поддржан и од Европскиот филмски фонд за копродукции „Еуроимаж“, соопшти Роберт Насков.

Тој информираше дека главната улога во филмот ја толкува 11-годишниот Давид Тодосовски, кој дебитира во овој филм, а покрај него настапуваат и актерите: Силвија Стојановска, раде Шербеџија, Мико Ноусаинен, Луција Шербеџија, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула, Аксел Мехмед и други.
Сценариото е на Душан Јовановиќ и на Раде Шербеџија, а во една фаза на филмот на него работел и Живоин Павловиќ.

-Филмот „Ослободување на Скопје“ е мој сон. Тоа е најдобро напишан драмски текст на просторот на некогашна Југославија, чиј автор е Душан Јовановиќ. Со неа имавме голем успех низ цела Југославија, едноставно приказната е фантастична. Цело време размислував додека живеев во САД како да направиме филм од таа претстава која имаше успех и во светот. Тоа е неверојатна приказна за Македонија, за менталитетот, за музиката, карактерите на луѓето, за љубовта, вели Раде Шербеџија кој е режисер и косценарист на филмот, а кој играше и во праизведбата на текстот за истоимената драмска претстава во Загреб во 70-тите години на минатиот век. Асистент на режија е неговиот син Данило Шербеџија.
Главниот лик во оваа приказна е малиот Зоран (Давид Тодосовски), осумгодишно момче и низ неговите очи се прикажуваат суровите сцени на војната, сликите на сиромаштијата и страдањата за време на окупираното Скопје. Таткото на Зоран е заминат во партизани, истовремено се случува љубовна драма помеѓу мајката на момчето и еден германски офицер…

Директор на фотографијата е Дејан Димески, музиката е на Влатко Стефановски, монтажа: Николас Гастер, дизајн на продукција: Иван Бартлинг, а костимите се на Жељка Франуловиќ. Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола. Продуцентски куќи: „Партизанс“, „Lijeni film“, „Art Films Production“, „MP filmska produkcija“, а копродуценти „Кино око“, F&M, YLE.
Филмот се снимал на локации во Битола,Велес и Скопје.

Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ соопшти дека наградата за животно дело „Златна камера 300“ за 2016 година ја доделува на австралискиот и светски кинематографер Џон Сил. Со нескриено задоволство за вториот лауреат на “Наградата за животно дело Златна камера 300”- австралискиот водечки и светски кинематографер Џон Сил, инспиративно говореше директорот на фестивалот “Браќа Манаки”, филмскиот критичар Благоја Куновски Доре. Џон Сил е визуелен творец на исклучителната филмска сензација “Лудиот Макс: Патот на бесот”, добитник е на Оскар за психоморалната воена драма “Англискиот пациент”. Овој филм годинава одбележува 20 години од освоениот Оскар за кинемaтографија. Би ги споменале и големите филмски хитови за кои доби номинација за Оскар: “Сведок”, “Студената планина”, “Дождливиот човек” и за најновиот, хитот “Лудиот Макс…….

Директорката на Агенцијата Мими Ѓоргоска Илиевска ја потенцираше традиционално успешната соработка со фестивалот “Браќа Mанаки” и воедно се осврна на континуитетот во последните пет години фестивалот да биде отворен со македонски филм. Таа говореше и за поддршката на Агенцијата во организација и промоција на другите филмски настани, покрај богатата фестивалска програма. Таа со гордост ги информираше новинарите дека на последната сесија на претставниците на “Еуроимаж” одржана во Амстердам, при посетата на филмскиот музеј EYE, каде што на 3 јуни на церемонијата на отворањето на ретроспективната изложба посветена на водечкиот светски кинематографер Роби Милер му беше врачена наградата “Златна камера 300” за животно дело, во биографијата на Роби Милер, веќе била додадена и наградата “Златна камера 300” за 2016 година од фестивалот Браќа Манаки.

Гена Теодосиевска нагласи дека за двајцата лауреaти ќе се одржат два мастер клас сесии и ги покани новинарите и филмските критичари неизоставно да бидат дел од овие важни фестивалски програми. Од нејзина страна беше видно разочарувањето за неприсуството на новинари од Битола и покрај заложбите на фестивалот да им се обезбеди превоз до Скопје и назад.

Третата прес конференција беше најавена за крајот на август во Битола. Од страна на организаторите ќе биде организиран превоз до Битола. За сето ова новинарите благовремено ќе бидат известени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Соопштени добитниците на наградата „Св. Климент Охридски“
-
Награди за есеј на тема „Визија за Скопје“ добија Кристина Шумадиева, Бојан Шашевски и Тања Сарандеска
-
Рускиот „Магичен свет“ на Катја Ветрова – добитник на наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“ на 9.Мобил филм фестивал
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ инспирација за нов балкански филмски фестивал


