| четврток, 6 декември 2018 |

Франц: Ќе играме храбро и во Подгорица

Тренерот на Работнички, Томислав Франц, изрази жалење што доминацијата на натпревар со Будуќност не беше крунисана со победа, па „романтичарите“ со реми ќе патуваат на реваншот во Подгорица.

Сепак, Франц е оптимист дека неговите избраници ќе можат да повторат слична храбра игра и со нешто подобра реализација да се пласираат во следната фаза од квалификациите за Лигата на Европа.

– Не можам да бидам задоволен од резултатот, со оглед дека имавме најмалку десетина удари кон голот на Будуќност, а противничкиот голман беше нивниот најдобар играч. Во првите половина час одигравме можеби под очекувањата, можеби тоа е плод и на младоста на најголем дел од фудбалери, а потоа примивме и гол од речиси неизградена можност на Будуќност, по една наша невнимателност во одбраната. Но, во вториот дел покажавме дека Работнички е поквалитетен тим, беа создадени неколку убави шанси пред голот на гостите, два пати ја погодивме гредата и само поради недостаток на концентрација во завршницата не успеавме неколку пати да ја затресеме противничката мрежа, рече Франц.

Тренерот на Работнички ги пофали резервните играчи кои со нивното влегување во игра донесоа поголема свежина во игра.

– По извршените замени, во завршницата успеавме да постигнеме еден гол, па сега со реми одиме во Подгорица и мислам дека се уште имаме реални шанси да се пласираме во следното коло. Не се предаваме, ќе играме отворено и во реваншот, покажавме дека имаме квалитет за да се пласираме во следното коло од квалификациите за Лигата на Европа, изјави Франц на прес-конференцијата по средбата.

Работнички и Будуќност вчеравечер одиграа нерешено 1:1 во првиот од двата меѓусебни дуела во рамките на квалификациите за Лига Европа. Реваншот во Црна Гора е по седум дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top