Во првиот меч од првото квалификациско коло во Лигата на Европа Работнички одигра 1-1 против Будуќност на арената „Филип Втори“. Романтичарите имаа многу шанси, но само еден погодок, и грешка, по која Будуќност прв дојде во водство, кон крајот на првиот дел. Израмни Елиф Елмас во 80.минута од средбата.
Две минути подоцна, Херера постигна погодок, но беше поништен поради офсајд позиција.
До крајот, Работнички бараше победа. Можеше до неа да дојде во 89.минута. По корнерот од десната страна, Деан Митрев беше осамен на петерецот, но шутираше над голот.
Работнички со реми (1-1) оди во Подгорица, но покажа, посебно во второто полувреме, дека е подобар тим. Вторите 90 минути на програмата се на 7 јули.
Тренерот на Работнички, Томислав Франц, изрази жалење што доминацијата на денешниот натпревар со Будуќност не беше крунисана со победа, па „романтичарите“ со реми од 1-1 ќе патуваат на реваншот во Подгорица. Сепак, Франц е оптимист дека неговите избраници ќе можат да повторат слична храбра игра и со нешто подобра реализација да се пласираат во следната фаза од квалификациите за Лигата на Европа.
„Не можам да бидам задоволен од резултатот, со оглед дека одигравме 1-1, но имавме најмалку десетина шутеви на голот, а голманот на Будуќност, со што се сложува и мојот колега Вукотиќ, беше најдобриот играч на противникот. Во првите половина час одигравме можеби под очекувањата, можеби тоа е плод и на младоста на најголем дел од фудбалери, а потоа примивме и гол од речиси неизградена можност на Будуќност, по една наша невнимателност во одбраната. Но, во вториот дел покажавме дека Работнички е поквалитетен тим, беа создадени неколку убави шанси пред голот на гостите, два пати ја погодивме гредата и само поради недостаток на концентрација во завршницата не успеавме неколку пати да ја затресеме противничката мрежа. Замените донесоа поголема свежина во нашата игра и во завршницата успеавме да постигнеме еден гол, па сега со реми одиме во Подгорица и мислам дека се уште имаме реални шанси да се пласираме во следното коло. Не се предаваме, ќе играме отворено и во реваншот, покажавме дека имаме квалитет за да се пласираме во следното коло од квалификациите за Лигата на Европа“ – изјави Франц на прес-конференцијата по средбата со Будуќност.
Работнички – Будуќност 1-1 (0-1)
Арена „Филип Втори“. Гледачи: 1.500. Судија: Збињек Проске. Помошници: Радек Котик и Роберт Хајек (Чешка). Стрелци: Елмас 80’ (Работнички), Јанкетиќ 39’ (Будуќност). Ж. Картони: Трајчевски, Маркоски, Најдовски (Работнички), Сератлиќ (Будуќност).
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски, Митрев, Најдовски, Цикарски, Трајчевски, Најденов (62’ Елмас), Галиќ (54’ Дурански), С. Сахити, Маркоски (77’ Херера), Алтипармаковски.
БУДУЌНОСТ: Драгојевиќ, Јанкетиќ (63’ Цамај), Вукчевиќ, Сератлиќ (56’ Раичевиќ), Митровиќ, Раичковиќ (87’ Марковиќ), Пејаковиќ, Вушуровиќ, Мирковиќ, Хочко, Џаловиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.