| четврток, 6 декември 2018 |

И официјално: Лондон побара автономија

Медиумите пренесуваат дека Лондон би побарал сам да ги одредува даноците, како и да има повеќе влијание на локалната економија, урбанистичките решенија, транспортот, здравството, безбедноста и правосудството

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, официјално побара поголема автономија за Лондон и тоа веднаш, откако Велика Британија гласаше за излегување од Европската унија.

Главниот град на Англија не го дели мнозинскиот став на остатокот на земјата и убедливо беше за останување во Унијата поради што беше покрената и петиција со која граѓаните на Лондон бараа независност.

– Колку и да ми се допаѓа идејата на град-држава, денес не говорам сериозно за назависноста. Не планирам да поставам граничен пункт на автопатот, но во името на сите граѓани на Лондон, барам поголема независност за градот и тоа сега – изјави Кан.

Новиот градоначалник пред деловните лидери изјави дека поголема автономија ќе го заштити Лондон од неизвесноста која доаѓа. Побара нивна помош, а изјави дека добива поддршка од лондонските политичари.

– Сакаме да ги заштитиме сите работни места кои овде функционираат, нашиот имот и просперитет. Не сакаме поголем дел од британската пита, само сакаме поголема контрола врз парчето кое веќе го имаме – изјави Кан.

Тој им порача и на другите Британци дека и тие ќе профитираат од поголемата автономија на Лондон.

– Кога ние успеваме овде, тогаш успева цела нација. Кога ние ќе пропаднеме, ќе пропадне цела нација – изјави Кан.

Медиумите пренесуваат дека Лондон би побарал сам да ги одредува даноците, како и да има повеќе влијание на локалната економија, урбанистичките решенија, транспортот, здравството, безбедноста и правосудството.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top