| четврток, 6 декември 2018 |

Сведоштво на сосетка: Лифтот беше расипан, сервисерот го исклучи, но ние го пуштивме во употреба

kumanovo lift 2

Цела Македонија е во црно по несреќниот настан во лифт во Куманово, во кој настрада шестгодишно дете. Станарите на зградата на булеварот „Трета македонска ударна бригада“ се во шок по трагедијата која се случи во нивниот лифт. Тие за Утрински раскажуваат дека лифтот постојано се расипувал седум години.

Лифтот ќе работи месец-два, па ќе застане. Неколку дена нема да работи, па ќе го поправат. Така е веќе 7 години, колку што сме во зградата. Секогаш ги известувавме управителот и сервисерот на лифтови и тие го поправаа. Пред околу еден месец почна да заглавува заштитната врата. Бидејќи ни рекоа дека ќе треба да се чека околу еден месец за да се донесе нов дел, по иницијатива на некои станари од повисоките катови, било договорено лизгачката врата да се блокира и лифтот да се пушти во употреба. И така го користевме, вели една сосетка.

Таа за Утрински вели дека иако лифтот често бил во дефект, никој не останал заглавен подолго од пет минути во него.

Соседите велат дека во зградата живеат повеќе млади брачни парови со мали деца, кои сега се многу исплашени, па повеќе нема да го користат лифтот, а уште помалку ќе ги пуштаат децата сами. Шестгодишното момче наесен требало да тргне на училиште во прво одделение.

Според полицијата, несреќата се случи кога лифтот се заглавил помеѓу 5. и 6. кат на зградата. Детето почнало да излегува, по што лифтот му ја потфатил десната рака и почнал да се движи надолу. Притоа му ја повредил главата и тоа починало на самото место.

Местото е запечатено и ќе го вештачи Машинскиот факултет во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top