| четврток, 6 декември 2018 |

Со години тврдел дека го преживеал Аушвиц, но потоа дошол судниот час…

Хирт призна дека го тетовирал затворскиот број каков што имале затворениците во Аушвиц, а тој број му припаѓал на научникот и писател Примо Леви, но дека не се обидел да го преземе неговиот идентитет туку на тој начин сакал да го сочува споменот за него

hirt

Џозеф Хирт, кој денес има 91 година, а живее во Пенсилванија, призна дека лажел оти бил затвореник во концентрациониот логор Аушвиц.

Хирт со години тврдел дека нацистите го одвеле во логорот, а зборувал дека оттаму успеал да побегне.

Но, тој во петокот призна преку писмо до локалниот весник дека приказната ја измислил и ѝ се извини на јавноста.

Го пишувам ова денес за јавно да се извинам поради штетата што ја причинив кога се вметнав себеси во описот на животот во Аушвиц. Јас не сум бил затвореник. Немав намера да ги намалам или да фрлам сенка врз настаните кои навистина се случиле со тоа што лажно тврдев дека и лично сум бил вмешан. Згрешив. Барам прошка. Тогаш бев решен да сторам се што можам за да го спречам заборавот за вистината за животот и смртта во Аушвиц, пишува Хирт.

Тој со години држеше јавни говори за неговото наводно искуство за време на Втората светска војна и зборуваше за тоа како неговото семејство побегнало од Полска во Белград. Рекол дека нацистите го уапсиле и го одвеле во Аушвиц и дека таму го сретнал џелатот Јозеф Менгеле.

Хирт зборувал дека успеал да побегне од под електричната ограда. Излажал и дека присуствувал на Олимписките игри во 1036 година во Берлин кога Адолф Хитлер му свртел грб на познатиот атлетичар Џеси Овенс, како и дека ги запознал Овенс и Елинор Рузвелт откако дошол во САД.

Хирт изјави дека се плашел оти светот ќе го заборави хоророт на концентрационите логори и дека затоа лажел.

-Флагрантното негирање и игнорирање на вистината ме натера да ги одржувам сеќавањата живи. Донесов погрешна одлука и ризикував да ја извалкам вистината која се обидов да ја споделам, вели Хирт.

Претходно годинава историчарот Ендру Рид се посомнева во приказната на Хирт и објави текст во кој ги побива неговите изјави.

Имињата на жртвите и преживеаните од Аушвиц се јавно достапни и меѓу нив го нема името на Хирт. Хирт призна дека го тетовирал затворскиот број каков што имале затворениците во Аушвиц, а тој број му припаѓал на научникот и писател Примо Леви, но дека не се обидел да го преземе неговиот идентитет туку на тој начин сакал да го сочува споменот за него.

Рид откри и дека Менгеле не бил во Аушвиц во периодот пред наводното бегство на Хирт, како и многу други нелогичности.

Хирт не е првиот кој измислил и преувеличал приказна во врска со холокаустот. Херман Розенблат ја преживеал Втората светска војна и напишал мемоари за тоа како тогаш за запознал идната сопруга, а подоцна излегло дека голем дел од неговата книга е измислен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top