| четврток, 6 декември 2018 |

Политички театар

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Уште од древните времиња, кога она, што подоцна ќе биде вообличено како театар, а тогаш се манифестирало како чудесен космички ритуал, кој ја спојувал земјата со небесата, реалното со надреалното и моќта со апсурдот, уште во тие рани, по сѐ, претпоставени и исфантазирани времиња, политичкото или, ако сакате – општественото сиже веќе било имплементирано во магиската игра на пратеатарот. Сцената била самата природа, а партиципиентите ги толкувале нејзините предизвици и човечкото справување со нив. Меѓутоа, тука, во експликацијата на тактиките и стратегиите на заедницата, нивните меѓусебни афери и дубиози, понекогаш и конфронтации, прашањето на моќта и лидерството, поредокот и субјектот, интервенциите од бескрајното дејствено или божественоста, сето тоа создавало митови и легенди, кои требало да се споделат со другите припадници на заедницата, а самиот ефект од ритуалните претстави ги иницирал во една комплексна состојба на свест, учесниците во тоа чудесно патување во пространствата, каде сонот и реалноста се спојуваат.

Подоцна, во антиката, онаа од југоисточна Европа и Мала Азија, кога е конституирана и систематизирана уметноста на театарот, веќе до деталисе гледаат политичките интенции и импликации во театарските претстави.

Без оглед, дали се работи за трагична или комична претстава, политичкото е веќе длабоко вткаено во самото битие на оваа општествена уметност. Чудесни се тие времиња на театарот, ингениозните и така сублимни приказни, поставени во соврешен поетски поредок, во еден така специфичен храм, како што е оној на божицата Талија.

Не само литературата и музиката, но можеби најмногу сликарството на новиот век било инспирирано од култноста и магијата на античкиот театар. Тогаш овој храм на емоциите и интелектот, спроведени низ артистичка игра, добивал капацитети на Пантеон. А луѓето, пак, партиципирале со скоро хипнотичка фиксација во целиот лавиринт на ова волшепство. Тоа биле времиња на силна сплотеност на човека со духовното, време на една голема и силна верба во реалноста, во божествената реалност.

Во времето на класицизмот, кога театарот во Франција почнал да добива серозен општествен акцент, уметноста на класицизмот, пред сѐ онаа на најтипичните и најфасцинантните претставници – Жак Луј Давид, а подоцна и неговиот следбеник, Жан Огист Доминик Енгр, била фасцинирана од антиката. Најпрво таа воодушевеност била фиксирана на империјалниот Рим, но подоцна овој интерес полека, но сигурно, почнува да се концентрира на антиката од Балканот и Мала Азија, но без сомнение, огромен број од темите, што во тоа време биле имплементирани во делата на француските класицисти, се преземени од театарската уметничка провиниенција.

Оваа традиција во француската историја на уметноста не се појавува за прв пат во епохата на Наполеон Бонапарта, таа е на сцена уште од времето на Никола Пусен, кој дејствувал како уметник уште во 16 и на почетокот на 17 век, а неговата љубов кон античката култура и култните игри од тоа време, каква што била уметноста на театарот, тој ги пренесувал на своите платна.

Токму во времето на процветаниот барок во западна Европа, Пусен делува толку строго и умерено, толку студиозно и толку хармонично, токму онака, како тој ги доживувал остатоците од древната античка култура, повторно оживеана од ренесансниот восхит кон оваа, до скоро, заборавена креативност, која уметностите ги довела до перфекција, а потоа згаснала за повеќе од илјада години. Во секој случај, сите тие чудесни сцени на брилијантните француски класицисти од Никола Пусен, па сѐ до Енгр, а и подоцна, во ерата на романтизмот, во раните дела на Жерико или Делакроа, темите преземени од античкиот театар се прилично чести. Како да создавале сликарски театар, сите овие генијални мајстори на француската ликовна уметност. Кон тоа, во нивните сликарски симулирани театри, просто изобилува од политика. Сетете се само на „Славењето на Златното теле“ од Пусен – таа слика е еден политички театар пар екселанс, прелеста на народот и неговата фриволност, фиксирана на крајно тривијални вредности во однос на страшната драма што следува. „Смртта Сократова“ на Жак Луј Давид е дело, кое во контекстот на античкиот театар,во самата негова суштина ни претставува еден инструиран судски процес. Очигледно, Давид бил одушевен од Платон, а повеќето платонови дела се вистински политички театар. Сократ – најмудриот Атињанин, е, всушност, алтер егото на Платон, но и негов гласноговорник во бескрајно елегантниот дијалошки театар на антиката. „Едип и сфингата“ на Енгр е една ликовна, но воедно и криптирана порака за трагичните консеквенци од револуцијата. Тука е и неговиот Пантеон со античките божества, но и со некои значајни личности од сферите на уметноста од неговото време.

Интересот на класицистите, оние уметници кои на своите слики гледаа со инспирација од театарските сцени, претпоставени преку реконструкцијата на имагинативните моќи и преку проучувањето на скулпторските остатоци од античките времиња во синергија со драмската литература на Есхил, Еврипид, Аристофан, Софокле, но и со философијата на Платон, Аристотел, Епикур и други творци на словесното, на политичкото, на аполиниското и дионизиското, на природното и божественото, и сето тоа ставено во некаква невројатна акција на возможното и невозможното, значи, тој колосален интерес на овие гиганти на француската класична историја на уметност е токму човекот, универзалниот, аисториски човек, но тој човек не е оној од херојскиот период на ренесансата, неговата вселенска феноменологија и божествените когнитивни потенцијали, туку сега тој човек станува едно динамично општествено битие – хомо политикус – токму онаков, каков што е артистот на сцената во својот и нашиот театар.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top