| четврток, 6 декември 2018 |

„Гардијан“ анализира: Ѓоковиќ поминал низ пекол и сега ужива во животот

novak

Светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ доминира поради четири причини: има најдобар повратен удар, одлично сервира, прв го напаѓа противникот и ментално е посилен од своите конкуренти, се наведува во анализата на британскиот весник „Гардијан“.

Ова тврдење за весникот пред стартот на третиот гранслем-турнир годинава – Вимблдон, на кој Ѓоковиќ брка трета последователна, а вкупно четврта титула, го изнесоа тенискиот аналитичар Крек О’ Шонеси и поранешниот француски тенисер Анри Леконт.

Ѓоковиќ има најдобар бекхенд ритрн на светот. Тука почнува сѐ. Обично тенисерот кој е на сервис има два удари предност, сѐ додека трае ефектот од сервисот. Кога сервирате, не сакате да дојдете до четвртиот удар бидејќи потоа се подеднакви шансите и противникот да го земе поенот и затоа тоа што сте сервирале нема поента. А против Ѓоковиќ со таков силен повратен удар имате среќа доколку предноста е еден удар. Затоа неговите противници често се бранат по сервисот – смета О’ Шонеси.

novak djokovic

Како што вели О’Шонеси, Ѓоковиќ речиси секогаш прв тргнува во напад и 70 проценти од поените ги завршува во четвртиот удар.

Речиси 20 проценти измеѓу пет и осум удари, додека десет проценти од поените ги освојува по деветтиот или повеќе удари. На Отвореното првенство на Австралија во 2015 година, 69 проценти од поените ги освои по четири или помалку удари. Кога се подолги размените, тој трча, еластичен е и неговата одбрана е добра. Но, голем број на поените ги освојува во првите четири удари, најмногу благодарение на неговата прецизност, вели О’Шонеси.

Дека Новак е ментално многу силен се согласува и поранешниот француски тенисер Леконт и додава дека српскиот тенисер е еден и единствен, и дека станал многу поуспешен по освојување на Дејвисовиот куп во 2010 година.

– Сигурен сум дека животот бил компликуван за него и за неговото семејство. Помина многу тешки и ужасни работи и сега може да ужива во животот. За него – ако победи, одлично, но ако загуби, не е крај на светот. Среќен е со својот живот, одлично го познава своето тело, ментално е силен и може да се отпушти – изјави Леконт.

Според неговите зборови, не постои подобро подготвен играч од него на турнирите.
Начинот на кој тој тренира, нови техники, фелксибилен е во однос на останатите. Претходно се зборуваше дека се потребни мускули и сила… Сега е поинаку, мораш да бидеш подготвен, да реагираш брзо и да бидеш флексибилен. Тој го може тоа, а единствено пофлексибилен од него е Пластикмен (стрип-јунакот Пластичен Човек). Кога гледам како лизга на теренот, помислувам како јас би се искршил. Но, тој е неверојатен, заклучи Леконт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top