Во Македонија почнува нов инвестициски циклус. Стартува реализацијата на вложувањата во рударскиот сектор, во машинската индустрија, во информатичко – комуникацискиот сектор. Ќе се отворат илјадници нови работни места во повеќе региони низ државава, со што ќе се подобри животниот стандард, ќе се отворат нови можности за напредок и за просперитет, пишува Лидер.мк.
Половина милијада евра во Босилово
Kанадската компанија „Еуромакс ресорсис“ вложува половина милијарда евра во Иловица. За инвестицијата е добиена гаранција од Германија во вид на неусловен заем од 240 милиони долари, за 12 годишно финансирање на плановите за експлоатација.
-Од финансиска перспектива, оваа заштита ни овозможува 12 годишно финансирање, што е од огромна корист за проект од ваква големина и долговечност, каков што е проектот Иловица, вели првиот човек на „Еуромакс ресорсис“, Стивен Шарп.
Се работи за едно од поголемите наоѓалишта на на бакар и на злато на Балканот и се оценува дека овој рудник има огромен потенцијал.
-Со градба ќе се почне во периодот септември-октомври годинава, а градбата ќе трае 1,5 година, по што ќе почне експлоатацијата на рудата, злато и бакар. Нивниот план е при градежните работи да бидат ангажирани околу 1.000 градежни работници, а во фаза на експлоатација над 600 рудари и други вработени. Овој огромен рудник за злато и бакар ќе биде нов мотор, не само на економијата во струмичкиот и во регионот на југоисточна Македонија, туку и нов мотор на целата економија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Се проценува дека резервите во Иловица се над 500 милиони тони руда, па оттука се и очекувањата за исплатливоста на целиот проект. Годишиот капацитет се проектира на 10 милиони тони руда, а производството на 2,7 тони злато и околу 16 илјади тони бакар.
Рударството стана профитабилен бизнис
Рударството во Македонија се враќа на голема врата. Склучени се договори со околу 300 компании за детални геолошки истражувања, издадени се 200 дозволи за експлоатација. На располагање се става сиот потенцијал за обезбедување раст и развој.
Бугарската компанија „Минстрој“ наскоро треба да ги рестартира „Злетово“ и „Тораница“ и да ги врати рударите во окната, „САСА“ веќе 10 години испишува успешна приказна.
-Со новите вработувања, „Саса“ ќе ангажира над 700 лица и уште 150 лица се индиректно ангажирани, што значи обезбедување на уште минимум 15 години сигурно работење на рудникот, вели премиерот Емил Димитриев.
-Инвестицијата за новото јаловиште што се гради на база на проширена концесија за експлоатација, за да може рудникот да работи во наредните 15 години, ќе чини најмалку шест милиони евра. Откако ќе ја завршиме таа инвестиција, ќе продолжиме со нова во капитални објекти за понатамошен развој на рудникот, вели директорот за развој и за инвестиции на рудникот „Саса“, Максим Прохоров.
Нови инвестиции во Бунарџик!
Во слободната економска зона Бунарџик ќе се реализираат нови инвестиции. „Текнохозе“ во јули почнува да го гради својот трет погон на површина од 5 илјади квадратни метри. Со ова, вкупното вложување на италијанската групација „Витило“ ќе се заокружи на 30 милиони евра, а во компанијата ќе бидат вкупно вработени повеќе од 300 луѓе.
-Тоа е шестпати повеќе од првичната инвестиција и покажува дека компанијата „Витило“ ги препозна поволните можности што ги нуди Македонија. Овие бројки ја потврдуваат нашата одлука за инвестирање во Македонија, државата во која веруваме и во која стекнавме пријатели кои ни овозможија да се чувствуваме како дома, вели генералниот директор на „Витек Македонија“, Антонио Витило.
Во Бунарџик ќе се позиционира и германски „Кеслер“, компанијата што веќе отвори технолошко – развоен и истражувачки центар во Македонија. Втората фаза е отворање погон за производи од електромашинската индустрија. Изградбата на фабриката почнува во септември и треба да биде готова во првата половина од идната година. Ќе се почне со 50-ина вработени.
-Ова е една од првите инвестиции, реализирани од странски директен инвеститор во машинската индустрија, објаснува советникот за привлекување странски инвестиции, Алек Никовски.
Во Скопје ќе се позиционира уште една германска компанија од ИКТ секторот, со цел развивање софтверски решенија. Предвидено е да отвори 100 работни места. Компанијата веќе има деловен простор во центарот на градот и почна да го селектира потребниот кадар.
Нов инвеститор и во Охрид
По „ОДВ Електрик“, во Охрид ќе се позиционира уште една европска компанија. Фирмата веќе има донесено одлука да инвестира во производствен капацитет од металуршката индустрија. Планот е да се отворат 100 работни места.
-Инвеститорот ќе вложи над 2 милиона евра и ќе креира најмалку 100 нови работни места во првиот период, што ќе значи решение за 100 семејства од Охрид кои сега имаат егзистенционални проблеми. Доколку сè тече според планираното, почетокот на инвестицијата би бил во текот на есента, а до крајот на оваа година би финиширала изградбата, по што ќе се стартува со производство. Компанијата ќе се занимава со преработка на руда, изјави Груевски.
Годинава во зоните над 7 илјади вработени
Годинава бројот на вработени во слободните економски зони треба да достигне околу 7 илјади луѓе.
-Покрај креирањето директни работни места, се креираат и индиректни работни места преку зголемување на соработката со домашните компании, се зголемува извозот од земјава, а бенефит се и новите практики што се воведуваат во Македонија, односно трансферот на знаења и вештини, вели првиот човек на зоните, Виктор Мизо.
За првите пет месеци од 2016-та, извозот од зоните е зголемен за над 28% и веќе надмина 715 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст