| четврток, 6 декември 2018 |

Над два милиона Британци сакаат повторување на референдумот за Брегзит

Повеќе од два милиона луѓе веќе ја потпишаа петицијата со која противниците на британското излегување од Европската унија сакаат да се направи ревизија на резултатите од референдумот од 23-ти јуни со кој беше изгласано излегување на нивната земја од Европската унија и да одржи нов референдум по истото прашање, се вели во петицијата објавена на интернет страницата на парламентот на Обединетото Кралство.

brexit-vote-june-23

Петицијатапоставена на интернет страницата на парламентот на Велика Британија до 21 часот во саботата по македонско време ја потпишаа 2.283.124 луѓе. За разгледување на петицијата во парламентот, инаку, потребни се најмалку 100.000 потписи .

Поради масовниот прилив на корисници, функционирањето на сајтот на британскиот парламент каде што се регистрира петиција, во саботата утрото привремено беше запрено. Меѓу потписниците на обраќањето до британските пратеници најмногу се жители на Лондон, каде што повеќето области на референдумот гласаа за останување во ЕУ.

Во петокот на сајтот change.org беше поставена петицијата со барање да биде прогласена независност на Лондон од Велика Британија и главниот град да се приклучи на Европската унија. Таа веќе собра 118.000 потписи, а е упатена на новиот лондонски градоначалник, Садик Кан,44-годишниот син на пакистански доселеник кој на локалните избори на почетокот од мај како кандидат на опозициската Лабуристичка партија стана првиот градоначалник на британската престолнина од муслиманско потекло.

Иницијаторите на новиот плебисцит ја повикуваат владата да го примени прописот, според кој, доколку бројот на гласовите, во случајов „за“ или „против“ Брегзит, изнесува помалку од 60 отсто а одѕивот на избирачите бил помал од 75 проценти, тогаш е потребно да се спроведе ново гласање.

Како што пренесува весникот Metro повикувајќи се на претставникот на Долниот дом на британскиот парламент, петицијата со барањето за разгледување на резултатите од спроведениот референдум и негово повторување, ќе биде разгледана веќе во вторник, 28-ми јуни, на заседание на парламентарната комисија за петиции.

Во четвртокот 23-ти јуни со 51,9 отсто од гласовите победија поборниците на излегувањето на Британија од 28-члениот европски блок, додека 48,1 отсто од излезените гласаа за останување во ЕУ. Притоа одѕивот на гласачите на референдумот изнесувал 72,2 отсто.

По објавувањето на резултатите од гласањето, британскиот премиер Дејвид Камерон, кој ја предводеше кампањата за останување во ЕУ одлучи да поднесе оставка. Со тоа на својот наследник му ја препушта должноста да ја изврши волјата на британските граѓани и да ја изведе земјата од Европската унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top